ДРВОТО ИМ Е ВО ГЕНИТЕ

Б-три дизајн

Trojca braka kako edno vo biznisot so mebe PodigacoskilСемејството Подигачоски веќе три генерации се занимава со изработка на мебел по порачка, секаков вид столарија и уредување на ентериер. Почнал дедото, продолжил синот Благоја, а денес бизнисот е во рацете на внуците Стеван, Александар и Антонио. Некогашниот “Стеван” е “прекрстен” во “Б-три дизајн”, оти го водат Благоја и тројцата синови, а сé повеќе е отстапен на тројцата јуниори. 

– Бизнисот ми претставува исполнување на дел од соништата, сон кој го живееме, а со дарба која ја имаме во гените. Наследно се занимаваме. Тоа ни е во крвта – вели Александар.

По поволни цени и со докажан квалитет, нудат брза услуга за  изработка на ентериери, врати – внатрешни и надворешни, прозори, кујни, плакари… Достава, монтажа, сé за една цена. Накусо, комплетно уредување на домот.

Препознатливи се по тоа што работат по стариот принцип, не со шрафување, туку лепење со типлони, со туткал, оти така спојките се здрави и “држат повеќе”. Го негуваат квалитетот со децении. Дури можат да се “пофалат” дека се подобрени. Изработката на дрвенарија за браќата не е нешто ново, туку како нова генерација внесуваат иновации и инвентивност. Ги следат трендовите, па прават заоблување на вратничиња, нови модели на врати, ЦНЦ гравирање, механизми во ентериерот, нови видови маси – виткани, изведувани и сл. Најмногу им се “трошеле” вратите, оти малку мајстори го создаваат овој комплициран производ. Кое дрво ќе го користат, зависи од желбата на муштеријата. Инаку, користат сушена граѓа од сушалница, која, според барањето на муштеријата, може да биде чам, орев, бука.

Nositeli na biznisot - brakata Stevan i Aleksandar Podigackoski– Кога се изработува цел стан, ако има потреба да се скицира, ангажираме архитект за муштеријата да добие комплетна услуга, врати, прозори, плакари, спални, маси… Се работи машински, а порано било тешко на раце да се шрафи, шлајфа… Сега сé е механизирано. Најтешко е кога ќе дојдат малечки лајсни за стружење, па е нужно да се фати со рака. За сé е потребна посветеност, да се стигне посакуваниот квалитет. Работата бара мозок, оти има пили, ножеви и е опасно. Нужни се фокусираност и прецизност до совршенство. Да нема точки, прашинки ако се шприца. И тоа што го изработуваш треба да биде квалитетно. Не приоѓаме во стилот помини – замини, 5 минути работа, шрафење и толку. Треба лице да се остави, оти градов е мал – објаснува директорот Стеван.

Тројцата помагале од мали нозе, кој од 13, кој од 11 години. Се плеткале низ работилницата, оти им била дома. Веќе три-четири години се проширени и располагаат со поголема работилница. Ама, се шегуваат, “и овде нé не собира”. Планираат пак да се прошират, што говори дека напредуваат.

– Се носиме со идеја за отворање на изложбен салон. Се двоумиме во кој град. Овде сме препознатливи, па веројатно изборот ќе падне на Охрид, каде ќе работиме со истиот капацитет како и тука. Работиме низ цела Македонија, а најмногу соработуваме со Кавадарци, Гостивар, Скопје, Охрид и Битола. Располагаме и со комора за шприцање, но тежнееме да ја усовршиме по сите стандарди, муштериите да добијат екстра производ “без прав”. Сето оди со потпишување договор, за да биде заштитен и муштеријата и ние – додава Александар.  

Работат на прозорците во ОУ “Кочо Рацин”. Ги сработиле и лабораториите од Центарот за јавно здравје, кат од кафулето Вирус, подработуваат за Пиварницата, а татко им порано соработувал и со Витаминка. 

Loading