Бебе Мол
Зоран Мрчески (31) е новајлија во бизнис водите со сопствен дуќан “Бебе Мол”, специјализиран за бебешка опрема. Заслужна за неговата продавница е програмата на УНДП, од кои добил грант од неповратни средства за почеток на мали и средни бизниси. Првичната концепција му е за бебиња до 36 месеци, оти се нудат сите потреби за новороденчињата од заштита и хигиена, комплетна колекција на цуцли, аспиратори, чешли, лигавчиња, до облека за најмалите како бенкички, чорапчиња, чевлиња, опрема во бањата, фиксни и монтажни креветчиња, транспорт, па и играчки, но не класични, туку едукативни што му помагаат на детето во неговиот раст и развиток. За разлика од пријателите и роднините со деца, темата за бебиња му била непозната и далечна, но кога навлегол во бизнисот веќе има неисцрпна тема за разговор. Во состојба е дури да дава совети потребни за најмилите.
– За развивање на овој бизнис потребно е време, оти сум релативно нов. Мајка ми е педијатар. Решив да им поедноставам на родителите да се снајдат полесно кога ќе го земат бебето од болница. Им ги пружам сите можни услови додека бебето не потпорасне. Затоа и се потрудив да понудам нешто, многу блиско за луѓето при пазарењето – од едно место да купат скоро сé за своето бебе – ја објаснува замислата младиот сопственик Мрчески.
Полн е со идеи како да напредува. Не му е целта само набави и продај, туку сака радоста да ја олесни кога во семејството ќе дојде нов член. Од голема помош му е знаењето како дипломиран економист по маркетинг менаџмент. Затоа ги одбрал најдобрите брендови за бебешка опрема. Единствен генерален претставник во градов е на брендовите Avent, Brevi, BabyOno, OKbaby, Jungle, Kidoo, Philips и др.
– Со лесен пристап до интернет, може брзо да се порача било кој производ. Но, кај народот за новите брендови живее скепсата. Дури не видам, не пофатам и не проверам, не купувам. Не сакав да бидам конкуренција со познатите марки. Затоа ги одбрав овие италијански, полски фирми со ЕУ стандарди, што инаку ги нема. Пресуден критериум е квалитетот – додава Мрчески.
Во однос на цената, конкурентен е на локалниот пазар и во цела Македонија. Не е ни преефтин, ни прескап, туку стоките имаат етикета според квалитетот.
Иако граѓаните уште не го знаат, полека, полека, ги надвладува љубопитството. Навратуваат во дуќанот, се интересираат што се нуди за најскапоценото богатство на семејството. Реакциите се одлични, давајќи позитивни коментари и полека стекнувајќи доверба во новиот бизнисмен.
– Задоволен сум од фидбекот на муштериите. Не мора да купуваат веднаш. Среќен сум ако навратат, муабет да си направиме, да размениме искуства, да видат каква бебешка опрема нудам, да ми укажат што ми недостасува во понудата, па да им возвратам со тоа што ќе ги снабдам со она што им е потребно – вели сопственикот.
Предизвик му се барањата и потребите на муштериите. Очекува добро да функционира и да се проширува. Не се плаши од конкуренцијата туку посакува да има повеќе продавници од ист карактер, оти тогаш имаш здрава конкуренција и се нуди подобар квалитет во полза на потрошувачите. Нуди и интернет порачки. Каталошки е добро опремен, ако желбата на потрошувачот е по каталог да порача боја, големина на саканиот производ, кој ако го има застапникот во Скопје, наредниот ден, после порачката стигнува до муштеријата со можност за достава до дома.
– Подобро е да стегнеш заби и да си помогнеш сам со поддршка од државата. Оптимист сум дека ќе успеам, дека ќе овозможам и некој друг да вработам и да се проширам. Најбитен е купувачот. Ако тој е задоволен, сите сме задоволни. Пресудна е информацијата, ако нешто го гледаат муштериите, а не го разбираат, да имаш време да ги информираш, да ги запознаеш со производите. Токму разговорите со “новопечените” родители ми причинуваат најголемо задоволство – додава Мрчески.
Ако се прашувате што е потребно за вашите најмили, посетете го Зоран во Бебе Мол, да ве упати со предлози и совети.