Пензионерот Џорџија Гоганајче се фрли по крстот
И за Водици, им фрли килограм пченица да ги нахрани своите миленици, гулабите, на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”, како секој ден и тргна пеш кон хотелот Сонце, Џорџија Гоганајче да го исполни својот сон во седмата деценија, да се фрли по крстот во водите на базенот. Заветот си го поставил пред себе си за да докаже дека годините не се важни да се постигне некоја цел. И да одговори на зајадливите пријатели и роднини дека не е можно организмот на човек од 70 години да ги издржи температурните контрасти и влијанието на телото од камен ладната вода. В година пак ќе трага по крстот, најавувајќи дека ќе го бара додека го држи здравјето.
– Ми се мајтапеа дека ако се фрлам, нема да излезам. Со мојот млад бербер Саше, кој секоја година го бара крстот, не се обложив, туку му најавив дека кога ќе влезам во осмата деценија од живот, ќе му правам друштво и ќе му станам “колега”. И на мојот пријател Петар Иваноски – Перкано, му ветив дека ќе скокнам кога ќе наполнам 70 години. И така би. Покажав дека животот е убав во секоја доба, а возраста не е ограничување. Годинава рипнав и нурнав во базенот меѓу 67 млади не да го фатам крстот, туку да потврдам дека се чувствувам здрав и дека телото ќе одолее на предизвиците на мразот. И како дете, зиме, во реката, каде што живеевме, ловевме боси риби со бинт – вели Гоганајче.
Тој се подготвувал. Со месеци се капел исклучиво со ладна вода дома. Трипати секој ден по десетина минути одржува кондиција, правејќи вежби дома. Физички се чувствува како да е на 40 годишна возраст.
Пред “стартот” влегол во салата покрај базенот да се загрее пред шокот што ќе му го приреди на телото.
– Крвата ми вриеше. Не чувствував студ како старец, туку како фока во Антарктикот, оти правев вежби, склекови половина час. Водата како да беше моја природна средина. Се оддолжи церемонијата покрај базенот и во бањарките стоевме повеќе од половина час пред да влеземе во водата. Ставањето на тест на телото беше успешно. Не беше студено, како што некои го доловуваа контактот на телото со 37 степени и водата со температура од два-три степени. Почувствував пријатни морници како минуваат низ телото на овој христијански чин во малиот базен, без многу место за пливање со неколку дузини млади – го пренесува Гоганајче доживувањето во камен ладната вода на Богојавление.
Дел од домашните го пишманеле, а дел го бодреле да се нурне по светиот крст. Сопругата, која ја вика мајка, бидејќи го “гледа” како дете, го поддржувала, а децата малку негодувале.
Некогашниот фудбалер, лете е секојдневен гостин на двата базена. Се фрла од највисоката скокалница десетпати за десетина минути, а потоа прави свеќа и склекови. Плива по 1200 метри. На 14 години испливал од Асамати до Претор на Преспанското Езеро.