АНГЛИЈА ЈА “ОЛЕСНУВА” НАСТАВАТА ПО АНГЛИСКИ ЈАЗИК

СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”

Dodeleniot seritifikat uste eden dokaz za uspesna obuka - prof. Vesna MilanoskaБлагодарение на доделениот гранд од десет илјади евра од Националната агенција за Европско образование и мобилност во склоп на програмата Еразмус+ на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, покрај обуката во Шпанија за интернационализација на училиштата, чиј провајдер беше ЕУНЕОС, се спроведоа уште две обуки во Англија, на која учествуваа професорки по англиски јазик.

Интерактивни методи

Професорката Весна Миланоска присуствуваше на интензивниот двонеделен тренинг со по осум работни часа на тема Методологија во наставата по Англиски јазик, во Скарбро, Англија. Ова е вторпат наставник од економското училиште да се обучува кај провајдерот АНГЛОЛАНГ. Под “диригенство” на професионални обучувачи од приватната академија за англиски јазик, професорката имаше можност заедно со колеги од Финска, Романија, Чешка, Полска и Бугарија, да разменува искуства за воведувањето различни интерактивни модели со кои би се олеснала работата на професорите со учениците.

– Конципирана во два дела, утринската обука беше за развој на јазикот, а потоа следеа различни интерактивни методи во пристап со потежок вокабулар, во стручни училишта, како да се работи со подолги текстови, како да се користат автентични материјали, видеа, технологија во наставата, односно сите теми што им се потешки на децата за разбирање – објасни професорката Миланоска.

Развивање сопствен пристап за настава

slobodni aktivnosti i druzbiПристапот на обучувачите бил во смисла учениците да работат, а наставникот да биде набљудувач и помагач. Професорката смета дека придобивките се големи, затоа што “наученото” е апсолутно веднаш применливо во наставата. Задоволна е што со работата во мали групи, обучувачите успевале да им обрнат внимание на потребите на секој од учесниците, за она што тие биле заинтересирани и во кои делови од граматиката и вокабуларот по англиски јазик имале проблем.

– Англичаните се мајстори. Не може англиски да се учи подобро отколку таму. Совршено се организирани, се тече беспрекорно, професионално. Фасцинирана сум од целото случување. Некои од часовите ми ги посветија само мене. Иако имам долго искуство, сите имаме потреба од професионален развој, да слушнеме нешто ново од место од каде и потекнува предметот што го предаваме. Размената на искуства со колегите од други држави ми отвори нови видици за развивање сопствен пристап спрема наставата, како себе си да си ја олеснам работата. За мојот англиски беше убава проверка и убаво освежување. Не беше “наивно”, напорно беше, но позитивно – ги пренесе впечатоците професорката Миланоска.

На обуката обработувале и текстови од стручни книги – деловен англиски, кои инаку таа презентира во редовната настава. При тоа ја добила потребната помош преку совети како да се справи со некои текстови, кои се обемни и релативно тешки, а учењето на учениците да им биде олеснато и поинтересно.

– Не дека некои работи и досега не сме ги користеле. Располагаме со интерактивна табла, можеме да користиме и компјутери за обработка на видео во склоп на наставата, автентични материјали, како весници, мапи, што посебно може да се најдат секојдневно. Не да се работи на обичен текст од учебник, туку да се обработува извадок од весник на англиски јазик, па да се дискутираат настаните со користење на најразличен вокабулар. Или пак преку користење на мапи, да научат како да се снаоѓаат во непознат град, давање на инструкции за правец со вокабулар од сообраќај. Тоа е интересен начин со значителна интерактивност. Обработката на материјалот за учење оди многу лесно, а учениците се заинтересирани кога нешто не е од учебник – додаде професорката Миланоска.

Имале можност да го доживеат и социјалниот живот преку кино презентации, заедничка вечер во традиционален паб, театарска претстава во грандиозен театар, кој посебно í оставил впечаток поради неговата уникатност. Задоволството било уште поголемо кога претставата била дело кое како студент го работела на факултет.  Особен впечаток í оставила и посетата на тамошно стручно училиште, се евидентирале разлики во однесувањето на учениците и во програмата за настава, во опременоста на училиштето.

Обучена да спроведе своја обука

Zbiranje novi znaenja i kontakti na obukataОбуката најмногу ќе му помогне на стручниот актив по странски јазици. Колегите ќе имаат можност дел од она што ќе им го презентира веќе обучената, професорката Весна Миланоска, да го употребат и на своите редовни часови во наредниот период.

– Размената на искуства беше најбитна. Контактите се одржуваат и понатаму. Постои и десиминацијата, која ќе ја отпочнам во второво полугодие. Таа вклучува работилници со колегите по англиски јазик како најзасегнати, но и со останатите колеги од училиштето. Во следна фаза ќе се вклучат и професори од други училишта – додаде Миланоска.

На десиминацијата најавено е и присуство на претставник од Националната агенција, што í претставува дополнителен предизвик при спроведувањето на обуката пред колегите, а и можност да се покаже дека навистина вреди да се вложува во вакви обуки.

Училиштето подготвува нова апликација за обуки за професионален развој, како и на КА2 апликацијата, што ги нуди програмата на Еразмус+, финансирани со грант од Националната агенција. 

Loading