СОЦИЈАЛНИ ПАКЕТИ ЗА 540 РАБОТНИЦИ

Во Тутунскиот комбинат

Понудените атрактивни пакети, кои за поединци со максимални услови достигнуваат и до 15.000 евра, привлекоа дури 580 од 972 вработени во Тутунскиот Комбинат да се пријават за доброволно заминување од компанијата. Првиот човек на синдикатот, Димитар Ѓорчулески, објаснува дека до крајот на февруари треба да заврши процесот на заминување на вработените и исплатата на отпремнината. Од ДООЕЛ Тутун и Цигари заминуваат по 230 работници, а од Холдингот 80 души. Околу 50-тина пријавени не добиле виза за заминување, бидејќи менаџментот го искористил дискреционото право да ги задржи затоа што се неопходни за нормално одвивање на производствениот процес, кој во иднина ќе го изведуваат 435 вработени.

– Околу 28 февруари се очекува сите пријавени да добијат отказни решенија. На денот на потпишување на отказното решение треба да бидат исплатени договорените суми на вработените. Има помлади заинтересирани за заминување, а кои можеби имаат приватни бизниси. Сакаат да земат некој денар и да заминат како технолошки вишок – вели Ѓорчулески.

При обелоденувањето на пакетот за реструктуирање, генералниот директор на Комбинатот, Александар Дерменџиев, изрази изненаденост од големиот интерес и откри дека целиот процес е договорен со стратешкиот партнер Филип Морис, со дефиниран буџет за подобрување на продуктивноста за решавање на превработеноста.

Со двојно намалениот број вработени според првичните проценки на менаџментот, ако оперативната загуба е околу 4 милиони евра, тогаш само со ова преполовување на вработените, компанијата ќе дојде на позитивна нула, со надеж за позитивно работење следните години како резултат на гарантираниот пласман на откупениот тутун и зголемување на обемот на производство на цигари што се очекува. Во фабриката се монтираат нови машини. Се очекува, по цигарите Бонд, да стартува производство и на некоја друга марка од палетата на Филип Морис.

Loading