РАБОТНИ МЕСТА, ЏАМ ПАТИШТА И ЕКО СРЕДИНА

Во 2015 година

Trgnuva industriskata zona Alinci. Gruveski i RisteskiПрилепчани во новата година ги очекува економски просперитет со странските инвестиции за кои лобираше Владата. Ќе биде реновирана и прилепската болница со посебен акцент на модернизација на операционите сали. Во годината што е на прагот ќе се реализира и најголемиот капитален проект со средства од ЕУ. Прилеп е единствениот град во државава во кој ќе се слеат пари од ИПА фондовите за изградба на пречистителна станица. Ќе се прошири и ќе биде побезбеден и патниот правец Градско – Дреновци. Нема да се заборави и локалната патна инфраструктура. Речиси нема да има област од живеењето на градот, во кој локалната, потпомогната од централната власт нема да продолжи со вложувања за подобрување на условите за живот на граѓаните во општинава.

Најмалку 1.000 нови работни места ќе бидат отворени во 2015 година. Во странската компанија Гентерм, која ќе се изгради во слободната економска зона во Прилеп, во првите две – три години ќе се овозможат до 2.000 нови вработувања.

– Компанијата Гентерм планира да почне со градба на нивната фабрика во слободната економска зона во Прилеп во средината на март, и некаде до крајот на октомври следната година, според нивниот план, треба да биде завршена. Паралелно,  ќе се догради зоната, за што Агенцијата ТИРЗ го отвори последниот јавен повик за изведба на одредени работи во зоната што треба да завршат во октомври – изјави премиерот Никола Груевски.

Покрај директните вработувања, странската инвестиција е значајна бидејќи ќе предизвика и индиректни работни ангажмани кои се очекуваат да се создадат со користење на локални фирми, локални добавувачи, локални услужни дејности што ќе бидат потребни за компанијата.

Владата ја најави реконструкцијата на болницата заедно со битолската болница. Тука е и нов ургенетен центар во кумановската болница, со набавка на опрема за што ќе бидат инвестирани 210 милиони денари.

– Во болницата во Припел се планира реконструкција на операционите сали и на сите тоалети и промена на подовите. Вкупната инвестиција ќе изнесува околу 40 милиони денари, а реконструкцијата треба да заврши до крајот на септември 2016 година. Донесена е одлука на Владата за распишување на тендери за набавка на шест мамографи од кои едниот ќе биде во Прилеп – најави заменик министерот за здравство, Јовица Андоновски.

Ќе се гради експресен пат, од мостот на реката Раец до клучката Дреново како дел од Програмата за национални патишта.

Делницата Раец – Дреново ќе биде во должина од 10,2 км односно 5 км со ширина од 12,4 метри, 4 км со ширина од 17 метри и последните 1,2 км кај клучката Дреново ќе бидат со ширина од 25,4 метри со што ќе се отстранат најопасните црни точки од патот од Градско до Прилеп, а со тоа ќе се обезбеди поголема сигурност и безбедност во сообраќајот. Ќе се подобри патната поврзаност на општините од Пелагонискиот регион, а ќе влијае и врз економскиот раст и развој на земјоделството, туризмот и индустријата со изградбата на четирите ленти.

Ќе продолжи и реконструкцијата на 23 километри канализациона мрежа и ќе се изгради пречистителна станица, проекти вредни 17 милиони евра. Инвестицијата, дури 85 насто е обезбедена со европски пари од ИПА 3 компонентата, а 15 проценти покрива државата.           

Комплетно ќе биде решен проблемот со сите отпадни води кои произлегуваат од урбаната средина. Прилеп ќе добие филтер станица со што ќе биде еден од ретките градови каде отпадните води ќе бидат пречистени сто отсто, а земјоделското производство во иднина може да се сертифицира како еколошко и органско.

Изградбата на пречистителната станица се очекува да започне напролет, а ќе ја гради Бугарската компанија Понс Строинженеринг и треба да биде завршена во јуни 2016 година. За две ипол години Прилеп инфраструктурно и комунално ќе биде најсреден град во земјава.

Ова е капитален проект во државава финансиран од ЕУ, со поддршка на Владата и Министерството за животна средина, а краен корисник ќе биде ЈП ВиК.

Економски развој, поттикнување на туризмот и земјоделството, инфраструктурата и развој на работна сила се петте приоритетни области кои се дефинирани во нацрт стратегијата за локален економски развој на општината Прилеп не само за 2015 година, туку и за следните пет години.

До 2020 година утврдени се стратегиските цели за поттикнување на развој на бизнисот и креирање на нови работни места согласно потребите на реалниот сектор со профилот на образование и стимулацијата. Предвидено е формирање на бизнис центар за претприемачи и бизнис инкубатор. Се очекува и делување на фонд за бизнис иновации, формирање на совет за елиминирање на бизнис бариери и организирање на советувања за искористување на средствата од европските фондови. Ќе се искористуваат обновливите извори на енергија, а ќе има странски инвестиции и во Мариово. Инвестицијата од 250 милиони евра и био-рафинерија во Мариово ќе го заживеат регионот. Според најавите, ДуПонт и Етанол Јуроп во Мариово од 2016 година ќе вработат 1.000 лица. 

Loading