ПРЕКУ ШПАНИЈА НА ЧЕКОР ДО ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА НА УЧИЛИШТЕТО

СОУ ” Кузман Јосифоски- Питу”

– Покрај скепса на организаторите, пофалени како перфектни амбасадори и претставници на Македонија и едногласно избрани за координатори на сите земји за Еразмус проектот

Rabotna atomosfera vo SpanijaВо склоп на Еразмус+ програмата за обука на работно место, преку обезбедениот грант од 10 илјади евра од Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, директорката на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, Спасија Нешкоска Цуцулеска и професорката по англиски, Мери Најдоска, присуствуваа на петдневна обука во Беналмадена Пуебло, Шпанија за интернационализација на училишта. Единствените претставници од Македонија меѓу училиштата од Холандија, Турција, Романија и Италија имаа обука на англиски јазик. Затоа беа вклучени професори по англиски. Се разменија искуства, не само меѓу колегите од различни земји, туку и со предавачите, професори кои се долгогодишни практичари во образованието.

– Ја избравме темата според потребите на училиштето за да стане интернационално. Обуката беше интензивна. Интерес пројавивме за изработка на училишен план за интернационализација и размена на искуства за аплицирањата на Еразмус+ проектите, особено на К2 проекти, кои се билатерални или мултилатерални партнерства меѓу земји членки на ЕУ и Македонија. Дури еден од предавачите е надворешен оценувач за Еразмус+ проектите. Неговото искуство за нас е бесценето. Обуката вклучува следење и координација од колегите од кои добиваме помош при изработката на проекти, што е клучно за успешноста на проектот. Зачудувачко е колку сличности има меѓу образовните системи на училиштата во различните земји. Пред секоја обука, имавме подготовки преку платформи на интернет, каде добивавме инструкции кои сите партиципиенти заеднички ги користевме за да можеме полесно да се координираме. Побараа од нас да направиме SWOT анализа за слабите и јаките страни на училиштето за да се разгледа развојниот план како и годишната програма на училиштето за да можеме да видеме до каде сме и каде треба да се подобриме, па да се вметне планот за интернационализација. Презентиравме искуства за реализирани проекти, како Етвиниг проекти, размени – мобилности. Најважниот дел беше тоа што секој ден имаше “интелектуален аутпут” – како производ од разбраното на обуката. Правевме замислени проекти за размени, и за планот за интернационализацијата, кои потоа ги преставувавме пред нив и ни даваа фидбек дали треба да се подобриме – вели Цуцулеска.

Покрај искусни предавачи, имало и виртуелни обуки со видео конференци со директори на училишта, долгогодишни амбасадори на Етвиниг проекти. Провајдерот на проектот, Еунос, не само што се грижел за работниот дел, туку и за забавниот. За мотивација, имале визита на Малага и секоја вечер посетувале ресторани со цел  социјализација и меѓусебно запознавање и размена на добри практики. Во последниот дел од обуката, на церемонија, на сите учесници свечено им биле доделени сертификати за успешно реализирана обука, почестувајќи ги со “тапас”, вид шпанско традиционално јадење како “нашите” ордевери.

– Непроценливи се контактите со колегите, размената на искуства и практики, оти ниедна обука не останала без дополнителен производ. Сум била на обуки и во Малта и Англија, но контактите и партнерствата остануваат засекогаш. Овој проект е битен, бидејќи ќе донесе многу средства за училиштето, како и за професионалниот развој на професорите и учениците – додаде директорката.

Sertifikati za uspesna obuka - Meri Najdoska i Spasija Neskoska CuculeskaИако на почетокот организаторите на обуката имале скепса дека Македонци ќе учествуваат во проектов, оти претходно немале добро искуство со нашите соседи, Грците, биле изненадени од нашите учесници кои добија многу пофалби дека се перфектни амбасадори и претставници на Македонија. Едногласно биле избрани за координатори на проектот од сите земји. Од обуката во Шпанија, произлегле три нови проекти за училиштето, два Етвиниг – виртуелни проекти, кои ќе се реализираат електронски преку видео конференции на час меѓу соученици од различни училишта на разни теми и клучен е проектот на Еразмус+, односно К2 проектот за билатерални или мултилатерални партнерства меѓу земји членки на ЕУ и Македонија. Станува збор за еко-претприемништво, а координатор ќе биде СОУ “Кузман…”. Учесници се две училишта од Холандија, и по едно од Италија, Романија и Турција. Заедно ќе го изработат проектот до крајот на март кога е крајниот рок за аплицирање во Националната агенција. На избраните проекти Агенцијата им доделува грантови, кои се делат меѓу земјите за реализирање на мобилностите – размена на ученици и професори. Предвидени се средства за организациска поддршка, патни трошоци, сместување и храна. Изготвен е Акционен план, според кој, се координираат. Досега се реализирани две видео конференции во последниот петок од месецот.

– Секое партнер – училиште секој месец изработува дел од проектот. Го праќаме меѓусебе и потоа преку видео конференција имаме состанок на кој го разгледуваме. Придобивките се токму од контактите, размената на искуствата и идните проекти. Пополнуваме обемни и комплицирани апликации со неверојатна добра координација на партнерите, за реализирање на мобилности на ученици и професори меѓу земјите – додава Цуцулеска, која е и координатор на училишниот тим од 6 професори, вклучени во проектот.

Резултатите и влијанието од проектот потоа преку дисеминација ги пренесуваат на колегите од училиштата, кои ќе се вклучат, иако сите нема да реализираат мобилности. Голема поддршка имаат од локалната самоуправа, од Федерацијата за болдеринг, од ЈП “Комуналец”, кои се т.н. “тивки” партнери.

Со преостанатиот дел од грантот од 10 илјади евра од Националната агенција се финансирани уште две мобилности за обуки на работни места во Англија, едната на тема Методологија во наставата по Англиски јазик е во Скарборо, а другата, на тема Англискиот јазик во стручните училишта, во Саутхемптон. Дел од средствата од грантот се предвидени и за промоција на училиштето.

Loading