ДУША ЛЕБ ОД СЕМЕЈНА ФУРНА

“Мерак”

Furnadziskata  dvojka  DimoskiСо наследени гени од татковците, на сопружниците Бранко и Јасмина Димески во крвта им било да бидат фурнаџии. На иницијатива на таткото на сопругата, за 26 денови Бранко “направил” фурна и кога учениците тргнуваат на училиште, почнале да вадат леб, селски, печен на дрва, ама за мерак. Ја пробале среќата со својата фурна “Мерак”. И успеваат веќе 13 години.

Бранко е самоук фурнаџија, а сопругата Јасмина “со искуство”, оти работела кај татко í во фурната. Понежниот пол е единствениот мајстор – жена во градов. Во својата фурна за 130 леба, Бранко сефте ставал за печење 60 парчиња. Леб не се пече лесно со ука од една ноќ. На жена í рекол дека никогаш нема да ја наполни фурната и никогаш нема да се научи. Таа му ги открила марифетите на сопругот и сега “фрла” една фурна од 130 леба за 8 минути. А за тестото е махер Јасмина. Да направи од брашно саглам леб, “лиги да потечат” нема женски ривал. Таа е главен мајстор, замесува, вади тесто од казанот, чевардисува, создава векни, го следи зреењето на тестото, па го става во фурна да се пече, го вади, ја разгорува фурната, сé…  

– Жешко – тешко е во фурната веќе 12-13 години. Лете се работи на 70 степени. Почнав во фурната на татко ми, ама научена навечер да спијам, првиот ден не издржав, кај 2-3 саатот ми се приспа. После се навикнав и од тогаш “не сум легната” навечер. Сé е навика, се издржува –  раскажува за почетоците Јасмина.

– Фурнаџиите спијат 46 ноќи во годината, 46 саботи. Сега ни сабота не ја спиеме… Нон – стоп се работи, мора леб да се извади. Луѓето се научија во секое време топол леб од фурна да има, а порано се знаеше – додава Бранко.

Полека, полека ја доизградиле и ја реновирале фурната. Сега е по ХАССАП. Има многу фурнаџии, “со лопата да ги ринеш”.

– Секој со среќата. За 24 часа излегуваат околу 600-700 леба. Од неа и за неа живееме. Таа ни е егзистенција – велат сопружниците Димески.

Нудат погачи и долг леб. Како што велат “лебот нека се троши – доста е”. Имаат живеачка, сами работат, тие се и газди и работници. Ангажирале само дистрибутер. И трите деца им помагаат.

Во сабота задолжително цело семејство се збира да работи без застој. Еден пече, друг “чека” во миксер. Нужна е комплетна посветеност за двократна дневна дистрибуција на сабајле и на одручек.

– Турбо е во сабота, оти во недела најмногу бараат леб и сиот топол излегува. Од фурна за фурна носиме, од 10 навечер до 11 на сабајле. И за Нова година “турбо” ќе е од вторник до петок вечерта. А кога почнавме, во сабота не се работеше. Полесно беше. Многупати ќе си легневме и одеднаш се будиме со страв дека сме се успале. Во сонот ни брчи миксерот – вели Јасмина.

Целосно се фамилијарни фурнаџии. Ќерката Мери учи економско и помага во финансиските пресметки. И синот Александар го “пече” занаетот и очекуваат да ги наследи, оти учи средно за пекар. И најмалото чупе ќе тргне по стапките на сестра си и брата си. Цело семејство душа дава, за душа леб,  за мерак.

Loading