НАПНАТОСТ ПОРАДИ ФАЗЛА ТУТУН

На почетокот на откупната кампања

Во напната атмосфера тече откупот на тутунот, поради ригорозниот однос на откупувачите да ја преземат годинашната берба само според нормативите во договорите кои, според тутунарите се нереални. Кооперантите се жалат дека родот ќе скапе, ако откупувачите не го преземат веднаш.

– Што да правиме со тутунот рачно работен?! Тој дава повеќе од 300-350 килограми од декар, а откупувачите преземаат само 220 килограми – вели тутунарот Милан Стојаноски.

Тутунарот Златко Петрески се чуди како е можно да се планира продукција од 220 килограми од декар која била стандард пред половина век.

– Треба да се зголеми нормативот на 300 килограми производство од декар. Рачно работениот тутун раѓа повеќе, плус беше врнежлива година. Родот и најмалку 300 килограми од декар – вели Петрески, кој е задоволен од проценката во Тутунскиот комбинат со оглед на влошениот квалитет годинава.

Средба со тутунарите во Тутунскиот комбинат имаше министерот за земјоделство Михаил Цветков. На реакциите дека родот е поголем и постои опасност да изгние, министерот уверуваше дека се прават напори да се откупи вишокот на тутун.

– Барам трпеливост. Не може да се очекува на првиот ден да се откупи вишокот. Фер е да се откупи договореното, па да се види колку е повеќе и да се најде чаре, особено за оние на кои единствена егзистенција им е тутунот. Ќе разговараме со откупувачите да го проценуваат реално родот, навреме да го плати и да се забрза динамиката на откупот. Имам впечаток дека постои расположение да се преземи зголеменото производство. Ќе ги искористиме сите расположливи инструменти. Државата дава 30 милиони евра за субвенции на тутунот или 20 отсто, од 150 милиони за сите субвенционирани култури. Работиме на воспоставување на електронски систем за контрола – рече Цветков. 

Министерот изјави дека Владата ќе продолжи да го стимулира тутунот, покрај зголемените количества и без намера да се скусат субвенциите.

Loading