АМЕРИКАНСКА ЧЕСТИТКА ЗА МИЛЕНИУМСКИОТ РОДЕНДЕН

Прво странско вложување

– В година ќе се вработат илјада работници во новата хала во зоната Алинци

За градската прослава на Свети Никола, Прилеп ја доби најубавата честитка за одбележувањето на илјадагодишнината од постоењето. Мултинационалната амариканска компанија Гентерм објави дека ќе гради фабрика во индустриската зона Алинци кај Прилеп, во која ќе ангажира илјада работници. И премиерот Никола Грувески обелодени дека по шест месеци преговори, американска компанија од Детроит одлучи своите бизнис планови да ги прошири со инвестиција во Прилеп. Компанијата произведува греачи за седишта и системи за ладење на волани… Со тоа уште еден бренд од автомобилската индустрија официјално влегува во македонските развојни зони.

Американците ја објавија динамиката на инвестицијата. Во првите три години ќе вработат 1000 луѓе, а процесот треба да се заокружи со 2.000 работници.

Веќе се бара фирма за проектант на фабричкиот објект. Градежните активности почнуваат напролет, а компанијата ќе почне со работа во втората половина од идната година. Во првата фаза ќе има околу 6400 м2.

Инвестицијата е предизвик особено за младите. Велат дека добредодјдени се вложувањата за ублажување на невработеноста.

Градоначалникот Марјан Ристески смета дека инвестицијата ќе донесе развој на општината и намалување на невработеноста.

– По оваа голема економска и финансиска инјекција, нема тука да застанеме. Со Владата продолжуваме да привлекуваме нови странски инвеститори во Прилеп – вели Ристески.

Според премиерот Груевски инвестицијата е една од побрзо договорените. Компанијата има европско седиште во Минхен и фабрики на повеќе континенти со над 8000  работници.

Со изградбата на фабриката ќе се гради и инфраструктурата, ќе бидат ангажирани домашни фирми од градежништвото и услужните дејности, но и ќе се анимираат и други странски компании да вложуваат во Прилеп.

Loading