ПОНИСКИ ЦЕНИ ОД ЛАНИ

Алијанса ја отвори откупната кампања на тутунот

Kinisa kantarotОткупната фирма Алијанса од Кавадарци отвори неколку пунктови за откуп на тутунот од годинашната берба. Останатите осум откупни компании со лиценца, се очекува да ја отпочнат кампањата на прибирање на родот в понеделник, кога е последниот рок.

Тутунарите веднаш реагираат на проценката. Велат дека родот не е со толку низок квалитет како што го вреднуваат откупувачите. Илчо Билјароски се жали дека третата рака ја процениле за трета класа, што не е вообичаено.

– Проценката е полоша од лани. И квалитетот не е како лани, ама не е соодветна цената. Третата требаше да помине двојка, за 172 денари, а ја проценија на 135 денари. Донесов нешто повеќе тутун од договореното за првиот дел и не ми го презедоа. Ќе го вратам за вториот дел на откупот. Предадов 360 килограми – вели Билјароски.

Стручнаците не си дозволуваат да прогнозираат каков е квалитетот, бидејќи штотуку тргнува откупот. Велат дека родот е со понизок квалитет, не тврдејќи колку. Нагласуваат дека и квантитетот е поголем со оглед на врнежливата година.

Од Здружението на тутунари упорно бараат порано да се најде чаре за вишокот од околу пет илјади тони тутун што го произвеле тутунарите, а откупувачите не сакаат да го преземат и платат. Претседателот Данчо Милески во неколку наврати инсистира во Министерството за земјоделство да се организира средба со откупувачите да се најде зеднички јазик за да не скапе вишокот тутун и во неврат да појдат најмалку 15 милиони евра.

Во прилепско, долненско, крушевско и демирхисарско се очекува да се предадат над 20 илјади тони тутун. Годинашната берба, на околу 40 илјади семејства во земјава тежи околу 30 илјади тони, од кои откупувачите потпишале договори да преземат 25 илјади тони.

И годинава државата го субвенционира производството на тутун со 60 денари за килограм, без разлика на квалитетот.

Loading