АКО ТИ СЕ РУЧА, ОДИ КАЈ СТОЈЧЕ

Метропол – Стојче

Timot shto pobeduva, ne se menuva - kaj StojceВеќе 37 години шири мискојна скарата кај Стојче Бозоски зад автобуската. Не е толку в центар, ама сепак е в центар фирмата Метропол – Стојче. Локацијата е  таман. Некој стигнат од пат или ита за на пат, загладнет, поткаснува сендвич, седнува раат да се одмори, да нарани душа, да се освежи… Раздвиженост во секое време. Понудата на храна на Стојче е магнет. Еднаш кој пробал станува постојан “заробеник” на менито.  Се враќа пак, и пак, и пак…     

До ден денес останало меѓу народот “Ако ти се руча, оди кај Стојче”. Од муабет на муабет, од кажано, прекажано и препорачано, добриот квалитет низ годините си го правел своето. Специјалисти се за скара. Сé и сешто, од мелено, до уштипец, македонка, ќебапи, увијачи… претежно сами подготвувајќи го амурот.

– На квалитетот влијае скарата. Луѓето ја гледаат и услугата, вработените. Муштеријата знае дека станува збор за сериозна фирма кога ќе види ист работник по 3 и по 5, па и до 15 години. Чесно работиме и опстојуваме – вели Бозоски.           

Некогашното помало кафеанче се проширило малку по малку со годините. Порано имало сепаре за ВИП луѓе, закажани. Така се создало имиџ, рејтинг, репутација. Затоа, и муштерии од надвор го препознале вкусот, раскажувале за мајсторијата… Се ширел арен глас до Скопје, Струмица, Кавадарци. Гости му се сопственици на фабрики, бизнисмени, доктори, професори, судии… Не пропуштаат да им се повтори задоволството на храната, подготвена со марифетите на Стојче. Сит пак ќе проба, а гладен прсти ќе излиже.

– Муштериите, 90 отсто, се стари, одамна навикнати. Патот без да сакаат ги води кај Стојче. Ги има што се како инвентар, секојдневни, некои неделно густираат, а ретки се оние кои навраќаат апансас.  Некои доаѓаат на муабет, кажувајќи дека се испратени, оти таква скара нема нигде во земјава. Затоа сите излегуваат, ем со полни стомаци, накркани, ем со ќеф. Муштериите навалуваат кога ги земаат парите од тутунот. Ама ако нема работа во кафаните, цела чаршија има мака – додава Стојче.

Квалитетот на скарата не се менува, оти, ако еднаш се вкуси одлично, а вторпат друго, муштериите се колебаат. Важен е и персоналот, пристапот, келнерите да ги препознаваат желбите на гостите со поглед во очите. Ништо не се променува, сé е стандард од квалитетот до персоналот. Тоа е тим, кој не знае да промаши, да изневери. Нели, тимот што победува, не се менува. Само се менува ентериерот, воспоставен е хасап систем.

Најубави моменти и на сопственикот и на персоналот им биле кога гостин им  бил тимот на К-15.

 – Ги испратил од газдата на Еуротерм, кој го прашале каде да ручаат, а тој им рекол: “Одете кај Стојче, таму да јадете”. Беа задоволни, со хумор и добра скара ни помина времето, и нив, и нас – вели Стојче.

Инаку, во објектот можно е да се послужат гости за помали комотни прослави до 44 души.                        

Loading