Разлеаните гласови од грлата на членовите на хорот при КУД “Пере Тошев” не само што ги воодушевија охриѓани на ревијалната манифестација Охридски староградски средби, туку се претставија како “закана на имиџот” и конкуренција за богатата традиција на староградската песна, негувана во градот под Чинарот. Меѓу дваесетината пеачки групи и хорови од повеќе градови, нашите хористи, водени од пензионираниот музички педагог Славчо Мирчески, нежно за уво, го презентираа бујното народно творештво во хармонична хорска варијација. Талентираните и трудољубиви хористи, кои í го подаруваат слободното време на музиката и сопствениот ќеф, велат дека било предизвик да се пее во градот, познат по староградските чалгаџиски тајфи.
За успешниот настап свој придонес имаат членовите на инструменталната придружба од мандолини и хармоника.