ФРИЗУРИ СО УЛТРАЗВУК И ИНФРАРЕД

Ла Линеа

Go zivee svojot son -  Goce CuculovskiФризерот Гоце Цуцуловски “на периферијата на центарот”, се разликува во понудата на разни видови на третмани, со користење на производи претежно на природна база. И тоа од брендирани италијански фирми – Диксон, Максима, Роланд, кои му се виделе како прифатливи за балканскиот тип на коси. Нуди нијансирање, обојување без амонијак, шатирање, потстрижување, фризури, дури и третман со преса со ултразвук и инфраред. Соработува и со козметичар, со шминка, надополнувајќи се како салон за разубавување. Им ја “гаѓа” идејата на муштериите, им сугерира фризура според лицето и косата. Го разубавува поубавиот пол “без да сети” и го чести со комплетен третман. Настапува скромно со цените, дури е и поефтин за декорирање на главата и следење на фризерските трендови.

Младешкиот сон да биде фризер, веќе година ипол му станал јаве. Желбата за сопствено студио му влечела корени од студиите по архитектура. Откако пишал квадрат на втората година, сестра му се шегувала, “ако не те бива за архитект, биди фризер”. Зошто, да не. Со стариот мајстор Јовица, договорил да му ѕирка во вештото ракување со ножиците. И официјално, преку Работничкиот универзитет, станал “дипломиран фризер”. Овде-онде си ја пробал “среќата” за дуќан, но нешто искрснувало и ја губел волјата.

Се тестирал на секакви занаети и во разни градови и држави, дури до Словенија, каде собирал половни гуми и бил ѕидар. Во Црна Гора бил шеф на производство на мебел, а после и ферментатор во Монополот. Ама “кутриот” Гоце место не го фатило. Мечтаел за ножиците и да го испечи занаетот кај Леонтич во Скопје или Кармен во Битола. Заминал на усовршување во Битола, кај Диме Иваноски, претседател на Македонската фризерска асоцијација.

– Мерак ми беше да го терам занаетов, но не знаев каде. Не најдов место и за ученик, иако веќе ги имав откриено поголем дел од мајсториите. Кај брендот “Леонтич” имаше ладна атмосфера, а кај “Кармен” сосема друга слика. Салонот е голем, со 4-5 стола со по една фризерка до уши насмеана. Ми се допадна повеќе отколку во Скопје – вели Цуцуловски.

Иако имал обука од три месеци, “Кармен” го забележал талентот и му ги доверил редовните муштерии во негови раце, покажувајќи дека ја цени дарбата и откривањето на марифетите. Станал дел од тимот за сите фризерски услуги, за скромни и познати “фаци”. Дури бил испраќан на семинари во Белград, Софија…

– Убава школа добив и од Јовица и од Диме – Кармен. Јовица вложуваше во мене и ме поддржуваше. На отворањето на дуќанот  дојде, велејќи ми, “Детево прогледа, макар и подоцна”. Можев да бидам малски фризер, како што тргнува секој почетник, но тоа не ми беше желба. Сакав повеќе да понудам. Релативно сум нов, но сум задоволен. Разликата се забележува со работа и со професионалниот алат. Така се добива квалитет и вештина – вели Цуцуловски.

Тој не сака брз старт, брзо да “истрча 100 м. Сака “маратон”.

– Ако правиш, прави да трае долго. Убаво е чувството кога остваруваш нешто што си го сакал долго време. Патот не е послан со рози, туку е мачен. Сакам да напредувам, некој друг да работи со мене, до мене. Егзистенцијата тера да се турка и да се раскрчува “трнливиот пат”, движење нагоре со своја екипа, фирмата да биде вечна и да се создаде имиџ – кажува Цуцуловски.        

Конкуренцијата за него е добредојдена. Не гледа ривали во колегите, туку другари. Затоа се дружат на фризерско-берберски средби. Битна е соработката.  

Loading