ОДБОЈКА НА СВЕЖ ВОЗДУХ

ОУ “Кире Гаврилоски”

Odbojka vo priroda - ednodnevna ekskurzija na ucenicite od OU Kire GavriloskiЕднодневните екскурзии кои најчесто се организираат на почетокот на учебната година се дел од програмата за изведување на есенски слободни активности и имаат за цел запознавање и зближување на учениците меѓу себе, а секако поблиска и послободна интеракција и со наставниот кадар. Не ретко, неработниот ден за настава, испланиран според наставниот план и програма, станува и убава можност за прошетка во природа и откривање на околината која нé опкружува.

Прошетките надвор од училниците и подалеку од училишната табла, се шанса за запознавање на околината, преку посета на блиските познати излетнички локации како манастири каде има и вода. Излетот во природа е настан преку кој учениците може да ги размрдаат и протегнат нозете надвор од училишните клупи, особено кога времето им е во прилог и им се нуди рекреација на чист воздух.

Учениците од ОУ “Кире Гаврилоски” уживаа во топлото септемвриско сонце кое ги галеше со силата на зраците кои е на залезот од летото што замина. Ем се разонодуваа, ем се забавуваа, но и добро се рекреираа. Предничеа членовите на училишниот одбојкарски клуб, чии прсти не знаат да мируваат. Не им пречеше ниту стрмнината на теренот пред манастирскиот комплекс Св. Димитрија во Селце. Нивната вештина, брзина, одмерени и прецизни движења и подавања, не дозволија топката да ја фати удолнината. Дека избрале добар начин за спортски активности на свеж воздух, пофалба добија и од директорот на училиштето Никола Кузески кој секогаш знае да препознае и афирмира ученичка активност која е креативна и корисна.         

Loading