НОЌНИ ПТИЦИ ТЕГНАТ БУРЕК

Младост

– Освојуваат печивата на Петрески

Ilija Petreski podgotvuva koriНа многумина денот им започнува со топол бурек или свежи печива соо препознатливиот вкус од стариот бурекџија Илија Петрески. Веќе 30 години не го “мрда” квалитетот. Традицијата го направила своето.

Приказната почнува кога 17 годишниот Илија, со брат му Јордан, во 1984 година влегле во бурекџиски бизнис. Поради младоста и сефтелакот во занаетот, фирмата ја крстиле Младост. Со ксметот напред, со трудољубивост и со ѕвезда, браќата ја пронашле љубовта во овој занает. Тргнале храбро со по некое бурече, па дури и лепче, но со упорност стасале да се гордеат во голем дуќан од каде се шири мирисот на свежите бели печива и бурек, свиткан од трганите кори на браќата Петрески. Бизнисот е фамилијарен. Не е оставен во туѓи раце. Кога се оженил Илија, и сопругата станала дел од бизнисот.

– Цел живот сум бурекџија. Занаетот бара многу труд. Ако си газда, треба најмногу да работиш. Оти, како што “чеша своја рака, туѓа не работи”. Секој има свој фат, што го прави квалитетот. Колку што се крева квалитетот, толку повеќе се напредува. Сега произведуваме бурек, кифли, кроасани, киснато, ѓевреци. Пробавме и со пирошки, пици, лиснати. Сега пресврт се кроасаните. Понудата нужно е да е “разиграна”, за секој по нешто – вели Петрески.    

Небаре ноќни птици, неуморно под светилка, ноќе месат, тегнат, туткаат, печат.., да извадат меки, врели, мискојна печива, кои, и сит ќе го привлечат пак да проба, да касне од мерак. Така со денови, месеци, веќе 30 години. Иако е напорно, битно е да се задржи позитивен приод, без нервози. Така се креираат новитети, според побарувањата или порачките. Сите да се задоволни.

Есента носи поголем одзив, како и пролетта, за Велигден. Опаѓа побарувачката во жешките и многу студени периоди. Околу дуќанот најчесто доручуваат учениците, а од другиот дуќан, спроти уредот, “се храни” целиот град. Дури и иселиниците, кога ќе си дојдат дома, бараат да вкусот ѓеврек, кифла…, приготвени како од рацете и од сукалото на нивната баба, мајка, како од детството.

– Тајната на успехот е во упорноста, услугата, срдечноста и квалитетот. Само Господ да дава здравје за работа. И среќата треба да помогне, оти е неизвесно. Но, важно е да се верува во успехот, да се понуди, љубезност и учтивост, заедно со квалитетот – вели Илија.

На Илија и Биљана им помагаат и двете деца. Од мали се врткале, ѕиркале во занаетот на татка си и на чичко си. Помагаат во изработката и во продажбата. Родителите гледаат во нив идни наследници.

– Го знам процесот, па можам да пружам рака во тестото, во продажбата, додека во меѓувреме ги терам студиите на Економскиот факултет веќе втора година. На бизнисов гледам да се осовремени, да се модернизира. Не е лесен, бара многу напор, оти во пекарскиот занает се издржува само со силна волја. Не морам да се приклучам, но дуќанот е дома, в куќа и е дел од фамилијата, наш двор, наш живот, иднина. И да не сакаш, ти се пикнува бизнисот под кожа и стануваш дел од него. Планирам да го одржам и унапредам со нешто ново – вели идниот наследник, синот Драган. 

Loading