ИСПОЛНУВАЧИ НА СЕКАКВА ЗАМИСЛЕНА ЕКСКУРЗИЈА

Чибук Травел

Luksuz i komfor na dolgi relacii - Cibuk travelНекогашната такси компанија “83 Чибук” која во далечната 1997 година се “најдувала при рака” на многумина, низ годините “дотуркала” до агенција за организиран превоз на патници. Откривајќи ја убавината во услужувањето на поголема група патници, стандардните такси возила од 2007 година ги замениле со “големи” возила – луксузно опремени автобуси, минибуси, комбиња со максимален комфор, особено за подолги патувања. Исполнувајќи ги желбите и потребите на корисниците, сопственикот Звонко Сарафилоски постигнува успех и напредок одржувајќи дури и меѓународни линии.

– Почнав прво со едно возило, па со 5, 15, па 20 автомобили за такси. Последно време немаше многу профит, а имавме повеќе расходи. Од 2006 се преиначивме во агенција за организиран превоз и надвор од границите на Македонија. Групното патување е поинтересно, ми претставува задоволство, има шега, “мешанија”, на секого да му се задоволат барањата – раскажува сопственикот Звонко Сарафилоски.

Организирањето превоз за групни патувања на најразлични дестинации, му ја храни душата и го исполнува. Малку по малку фирмата сé повеќе расте. Ги ангажираат од најразлични туристички агенции од градов и пошироко, со кои има одлична соработка. Летниот период е поинтензивен. Организираат патнички тури до Албанија, Грција, Бугарија, Италија, секаде каде што им сака душа на патниците. И фирмата организира патнички рути до Црна Гора, Хрватска, Грција. Чести тури им се до манастирот Василиј Острошки во Будва, Рибарски бањи во Србија, Рилски манастир во Бугарија и Метеори во Грција. Вршат превоз и за странци, претежно за Холанѓани, Белгијци, Турци.

Вршат превоз по европски тертип, со професионални возачи и “фул” опремени возила. Нема што нема внатре – вц, фрижидер, телевизор, двд, сето по највисок стандард и луксуз. На долгите релации, во автобусите има вода, сок, кафе за освежување. На секои 2 часа редовно прават паузи – патниците нозе да размрдаат, воздух да ги фати, некој “дим” од цигарата да украдат. Комфорот на патниците им е правило број еден. 

– Превозот ни е во крвта. Сите клиенти нужно е да бидат задоволни. Прочуени сме по професионален пристап и, фала Богу, досега немало инциденти. Сé е во најдобар ред – вели Сарафилоски.

Бизнисот е фамилијарен. Вклучени се сопругата и ќерката, која е магистер по банкарство и менаџмент. И синот, кој, иако е ученик во 7 одделение, му помага на татка си.

Прилеп – Прага – Прилеп

Веќе петта година довербата ја оправдуваат со редовната и најдолга релација секоја среда до Прага.

– Во Прага веќе 30 години живее мојот брат. Претходно немаше директен превоз од Македонија за Прага. Патниците одеа до Белград, а оттаму за Прага. Имавме возила, па само по себе дојде и идејата да организираме редовна линија за Прага. Можеби носталгијата по братот беше пресудна – вели Сарафилоски.

Тргнување е во 5 ч. наутро од Прилеп, во 7 ч. од Скопје, а од Прага, во четврток во 18 ч. 

Loading