ВЛОЖЕНО ВО СЕКОЈА ЧКОЛИЈА

Започна новата учебна година

– Се уредуваат дворовите и надворешноста на училишните згради

Sedum iljadi ucenici vo OU - Marjan MatrakoskiСо инвестиции во образованието почна новата учебна година. Речиси нема училиште во кое не се вложени средства, па сега се уредуваат и дворовите и фасадите на зградите. Во континуитет, последниве 9 години, над 10 милиони евра се потрошени за реконструкција, опремување и прилагодување кон модерните образовни трендови во градов и во селата каде има зголемување на бројот на ученици. Интензивно се градат и монтажни училишта во селата Беровци и Галичани, во состав на ОУ “Круме Волнароски” во Тополчани. Тоа се модерни објекти со вредност од 5 милиони денари – средства од локалната самоуправа и Министерството за образование.

– Се уреди училишниот двор во СОУ “Ѓорѓе Петров” со средства од 1,5 милиони денари. Се дотера и дворното место во ОУ “Климент Охридски” со средства од локалната самоуправа во висина од еден милион денари, а во училиштето ќе има и целодневен престој. Почната е промената на надворешната столарија во ОУ “Кочо Рацин”, проект од околу 2 милиони денари, средства од локалната самоуправа. Ќе почне и проектот за целосна надворешна реконструкција на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, што се реализира со прекуграничната соработка со Грција, во вредност од над 5 милиони денари. Опфаќа промена на покривот, нова термо – фасада и комплетна промена на надворешната столарија. Официјално се предаде во употреба повеќенаменското игралишите во гимназијата “Мирче Ацев”. Останува уште свечено да го означиме тој момент. Тоа е голем проект, од околу 5 милиони денари. Набрзо ќе почне градба на повеќенаменско игралиште во ОУ “Кирил и Методиј” во Канатларци. Во училиштата во Ерековци и во Подмол ќе има градежни реконструкции. До крајот на годинава или во почетокот на наредната, музичкото училиште “Ордан Михајлоски – Оцка” ќе добие централно греење. Во ОУ “Кире Гаврилоски” има проект за парно греење предвиден во програмата на Министерството за образование. Од поголемите проекти на Министерството се и промената на надворешната столарија на гимназијата “Мирче Ацев”, санитарните јазли во ОУ “Гоце Делчев” и реконструкцијата на старата зграда на “Кузман Јосифоски – Питу”, поранешната железничка станица – објаснува Марјан Матракоски, раководител на Одделението за јавни дејности. 

Новата учебна година 2014/15 почна за над 7000 ученици во основните училишта, од кои 750 се првачиња и за над 3500 средношколци распоредени во 35 профили. 

Заради појава на заразната жолтица во другите градови, беа преземени сите превентивни хигиенски мерки за заштита.

НА ПОВИДОК УШТЕ 2 СПОРТСКИ САЛИ

Pri kraj ucilisteto vo BerovciПродолжува интензивно и градбата на спортските сали во “Добре Јованоски” и “Кузман Јосифоски – Питу” што е инвестиција од околу еден милион евра. Со тоа ќе има 4 нови сали, две се изградени, а остануваат за градење уште 3 сали во основните училишта кои ќе бидат модел 1, односно мали сали.

Инаку, од годинава по иницијатива на општината во соработка со Министерството за образование и ангажираноста на гимназијата “Мирче Ацев” стартуваше и Спортска академија за фудбал со 25 ученици.  

Loading