ПРИВЛЕЧНОСТА НА “ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА”

Студентите во работна авантура

Расте бројот на студентите кои “киднуваат по сезонска авантура” во Америка, Германија… Модерните “гурбетчии” на одредено време, главно неколку месеци лете и на есен ги напуштаат семејните гнезда во потрага по непознатото. “Билетот” за шанса е статусот – редовен студент од 18-26 години, но и добро познавање на странски јазик, англиски или германски. По првото искуство, некои се враќаат и никогаш повеќе не ја намирисуваат туѓината. Други го “фаќаат” авионот пред време, по неколку недели, оти се галени и работниот ангажман, режимот на живот и дисциплината им претставува товар и мака. Трети, со душа го чекаат летото да заминат за да прошетаат, да видат, да заработат некоја пара за студии, за облека.

Главно, на модерните сезонски јабанџии им се бендисува стилот на живот, им легнуваат парите во џебот и, по првото или второто искуство, заминуваат засекогаш со билет во една насока. Не се враќаат додека не обезбедат документи за легален престој и работа во странство.

Студентите се ангажирани за келнери, помошници во кујните на рестораните, чистат хотелски соби или работат во продавници и во забавни паркови. Кој, како ќе се снајде, како ќе му се насмее среќата или како ќе му падне парето. Водилка е “печалењето” некој долар, некое евро. Но, и да се задоволи љубопитството, да се “вкуси” американскиот или германскиот тертип на живот, односно да се биде во близина на западниот сон.

Aleksandar Pusoski– Процедурата е од февруари. Најдов агенција, аплицирав, а таа ми најде работа. Потоа имав интервју со работодавецот преку скајп. Тој ме прифати и имав понуда за потпис на договор. Пресуден момент е интервјуто за виза во американската амбасада, каде детално се чешла секој документ и мотивите. После се заминува. Ја избрав понудата за хотелот Шератон Арбон, каде работам неколку месеци од петте по програмата, од кои четири се работни, а еден е за патување низ Америка. Ова е огромна можност за сите студенти, кои сакаат да ја откријат најбогатата земја во светот и да го почувствуваат одблиску  начинот на живот во “ветената земја”, да запознаат нови луѓе, надградувајќи го англискиот јазик и стекнувајќи работно и животно искуство. Програмата е и можност за запознавање на културите на многу народи. Студентите од многу земји организираат забави со традиционална култура, храна и танцови – го пренесува своето искуство за Америка, Александар Пусоски.

Frosina SpaseskaСтудентката Фросина Спасеска е во Германија, бидејќи сака да патува и да запознава нови луѓе.

– По аплицирањето, одговорот го чекав долго. Така – речи, негував малку надеж. Бев пријатно изненадена од позитивниот одговор. Заминав полна со среќа. Германија претставува прекрасно искуство, бидејќи најдов одговор на многу животни прашања, паралелно подобрувајќи го владеењето на германскиот јазик. И добро заработив – раскажува Спасеска.

 

 

 

Marinela AngelevskaНеколкупати, по неколку месеци работела од другата страна на океанот студенткатам Маринела Анѓелевска. Идната физиотерапевтка од Високата медицинска школа во Битола првото лето, од јуни до септември, била спасувач во забавен парк на Лонг ајленд кај Њујорк.             – Вработените се однесуваат добро кон сите студенти. Првин не беше лесно, без доволно познавање на јазикот. Тешко е додека се открие функционирањето на системот. Американците се деталисти на секое поле. После четири месеци, секое наредно лето се навикнав и ми беше сé полесно и полесно. Бевме студенти од повеќе држави, со кои се дружевме и се забавуваме – раскажува Ангелевска, која двапати ја искористила можноста за летна студенска работа во Америка.

Не се единствени овие млади “авантуристи”. Заедно со бродските ангажмани на големите туристички пловечки “градови”, низ светот работат неколку стотици млади прилепчани, од кои некои остануваат на копното на “ветените земји”.

Loading