НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА СЛЕПЧАНСКИОТ МАНАСТИР

Од манастирската ризница

Vo damarite na prirodata se vgnezdil manastirot SlepceПодножјето на Баба планина го гушнало селото Слепче на 30 километри од Прилеп. Името го добило по извор над селото кој го нашле слепи луѓе, кои се измиле и прогледале. На блага падина над село, во природен амбиент и длабока убавина, пркоси Божјиот храм со вткаени милениум од “конци” историјата, добродетелен живот и тајна на православието. Околу девствена претстава на природата. Ореви, тополи, печурки. Вода блика од околните чешми. Во манастирскиот двор луѓето бараат утеха и “лек” од Петочната и Св. Неделската вода.

Манастирскиот комплекс е ограден со камени ѕидови од 1860 година. Импресионира совршената чистота, уникатноста на конаците и целокупната уреденост. Манастирот е културно-историски споменик од 17 век под заштита на Завод и Музеј -Прилеп.

Црквата Св. Никола, на “тумбе” во дворот, изградена е 1671 до 1673 година од ктиторите, јеромонасите Сергеј и ученикот Михаил, како и Никифор, монасите Кирил и Понтиј, монахињата Јанакија, јерејот Јанко и 40 мирјани. Тројца од нив монахувале (се повизавале) во блиските пештери.

Храмот е еднокорабна градба од кршен камен поврзан со варен малтер, по техника типична за исламската скромна и неинтересна архитектура. Потсетува на поголема селска куќа. Скромните средства на ктиторите диктирале каква ќе биде.  

Уникатен фрескоживопис и иконостас

Плени фрескоживописот од 17 век. Разни слики на светители – Богородица, Христос, Големи празници, Христовото страдање. Грижливо избрани и вешто распоредени по ѕидовите и сводовите на храмот. Уникатен и единствен, тесно врзан со реткиот “здив” на византиската уметност. Зачувани се 23 сцени на олтарскиот простор и во наосот од пофалната химна на Богородица – Актистот на Богородица. Циклусот Големи празници е декориран преку 12-те сцени – Благовештение, Раѓањето Христово, Сретение и други, а Христовите последни денови раскажани се преку сликите насликани на 24 сцени.

Анонимните сликари ја креирале душата на црквата. Поседувале духовен ритам, складен со црковниот. Ликовите од фреските се смирени, без динамика, зрачат со духовна светлина, карактеристична за сликарите од 16 и 17 век.

Деизисот и апостолите ги сликал зографот Пео од Богомила во 1665 година. До 1916 година црквата ја красел позлатен резбарен дрвен хорос (полилеј). Тоа е светилник кој обично стои насредина и е украсен со многу светилки или свеќи. Дрвениот иконостас е еднокатен, доцновизантиски, работен во плитка резба од 17 век. Со прекрасен орнамент од преплет во посебна резба со нагласена рељефност. Инспириран е од ренесансната уметност особено од италјанската гравура, и е едно од подобрите резбарски остварувања во Македонија од тој век.

“Грамадни” камени конаци до дрвен декор

Во 1860 година дограден е трем. Тогаш нов конак ги распослал своите камени ,,коски,,. со простран чардак. При крајот на 19 век, првите луѓе од Слепче, Дабница, Небрегово со народот изградиле голем двокатен конак со седум простории со чардак, а во визбите биле шталите и амбарите за жито.

Манастирот бил многу богат со плодни ниви, ливади, шуми, кози, коњи, овци, волови. Имотот бил ,,запустен,, во 1903 година, а го презел селскиот поп. Пред 108 години пламени ,,јазици,, го ,,голтнаа,, манастирот без црквата.

Денешниот лик укажува на грчевита борба за опстанок. Североисточниот конак е руиниран, запоставен, покривот од црквата ,,капи,,. Кога врне се оштетува фрескоживописот, а глетованата порта чека ,,дозвола,, за фрескоживописување, заглевена низ лавиринтите на системот. Нешто било реновирано лани.

Едниот камен конак е поплочен со цемент, со нова дрвена ограда, на која свое катче си нашле расцутени цвеќиња. Четири години мераклиски ги негуваат двајца домаќини на манастирот.

Манастирската економија располага со овци напасувани од двајца овчари. Вештите раце на Цена мајсторски прават вкусно сирење. Домаќините се подготвуваат за зимата. Амбарите се полни, а во ѕидот на камениот конак како венец наредени исцепени дрва.

Двете клепала висат привремено на чардакот и екнуваат за празник.

– За славата на Манастирот – Варвара и Св. Никола се собираат над 250 луѓе. Верници и обични љубопитници – кажува свештеникот.

Во манастирското спокојство секој може да слее молитва со душа и срце и Божја енергија да го облее.

Во триесетите години од 19 век, никнало манастирско училиште, кое одиграло голема улога во препишувачката традиција во овој крај.

Loading