МУЗЕ ГО ОБОЖУВА РОДНИОТ ГРАД ЗА ДА ГИ ОСТАВИ КОСКИТЕ

– Внуците му сечат – печат македонски

– Ќе престане за скоро печалбарството, оти градот има шанса

Go ceka denot na posledniot pat od Svajcarija za Prilep - Muzafer  DermisoskiПовеќе од 40 години живее во Швајцарија и секое лето пак е на родната грутка во Прилеп. Не се заситува, секогаш е гладен за својот град. Не пресушува изворот на љубовта за дома, не му истинува копнежот за плочникот, макар што жали што ја смениле калдрмата низ Старата чаршија. Таков го доживува својот град, 65 годишниот Музафер Дермишоски. Се радува што Прилеп е сменет со годините, напреднат, урбанизиран, асфлатиран, озеленет со паркови, дотеран како европските градови. Вели дека малку фали да се поткрене урбаната култура, да не се расфрла ѓубре секаде. Посакува да порасне педантноста  на граѓаните.

Додека му навираат солзи во очите, Музе, како што го знаат сите, уште откако го напуштил во младоста, сведочи дека го обожува градот на родителите, дедовците, прадедовците. Тој за него е светост. Радосен е што се разубавува градот на своите предци, што секоја година го гледа посветол, со посјајни зраци, подновен со некое ново “руво”.

– Го сонувам и мечтаам Прилеп во Швајцарија. Живеам таму со телото, а умот ми е тука. Го чувствувам треперот на листовите и аромата на цутот на липите. Легнувам и станувам со претставите каков е мојот град ноќе и дење. Дури и мислите на перницата ме водат дома и зиме и лете. Се гордеам, насекаде раскажувам, се фалам дека сум од Прилеп, од најубавиот град на светот. Опседнат сум толку, што многумина дошле да го видат со мене и без мене. Германци и други светски граѓани и авантуристи го “вкусиле” пулсот на градот и ја поделиле истата мисла со мене по неколкудневниот престој – кажува Музафер.

Судбината сакала да замине, ама секогаш бил далдисан за Тризла, за ковачите, за влечкарите, каде, како калфа, ги извадил првите пари за леб, му се враќаат во главата сликите на мајсторите, на калајџиите, еснафите покрај Саатот.

– Ги поминав најубавите денови во животот, од детството и младоста овде. Сиромашен бев, но богат во душата, оти ми тропотеше срцето со ритамот на градот мој. Во мене секогаш блескаше неговиот дух. Ме бодреше, ме храбреше и не изгасна пламенот во дамарите. Секогаш мојот град ми даваше сила да останам, да се борам, да преживеам и да се вратам, да се сладам на градскиот амбиент – ја пренесува Музе носталгијата.

Пред пензија е. Добро е ситуиран по годините гурбет како келнер, готвач…

– Никој не може да го заборави местото на раѓање. Онаму каде се задоил, вечно ќе биде влечен. Дома е дома, и дијамантско богатство да се спечали надвор. Градот со тутунска мискојна, со мирис на мермерска прашина има магија, која не ја заменува никакво азно или раскош – вели човекот со преживеани неколку инфаркти.

Тука му се другарите, роднините, пријателите. Сите се почитувааат. И децата родени во странство, се набедени да бидат со добра мисла, да ја паметат татковата куќа и да се враќаат на огништето на столбот на фамилијата.

– Има добри луѓе, иако помалку. Со години многумина изумреа, ама останаа градските арни тертип кај многудуши, кои многу нé почитуваа и ценеа и никогаш нé не омаловажуваа и потценуваа – вели Музе.

Ќефлија е што децата и внучињата во јабана сечат-печат македонски, оти го знаат за мајчин јазик.

– Родени се таму, а копнеат за Прилеп. Цел ден комуницираат со Германци, Французи или Италијанци, и пак ги привлекува коренот. Помагаат за градбата на џамијата. Му честитаме на градоначалникот Ристески што собра сила со градот да ја помага градбата на новата џамија во Тризла. Храмот ќе биде од големо значење. Се активираа нашите од Америка, Австралија… Затоа досега нешто успеавме да изградиме, а според пресметките ќе се заврши до крајот на годинава. И сето тоа со сопствени средства и помош од Ристески – кажува Музе, кој уште е во дилема кога да се врати засекогаШ и тука да ги остави коските.

Дермишоски смета дека треба да се стави крај на миграцијата. Последниве години владее малку песимизам и желба да се побегни, ама тоа е времено.

– Пристојно може и тука да се живее од тутун, ако се работи од срце. Тој, со мермерот, се најголемото злато. Прилеп може да биде најбогат град во Македонија. Може да се поттикнат и приватниците да вработат луѓе. Има шанси. Така ќе се вратат и странците дома, и спечалените пари во туѓина ќе се множат дома. Сé се постигнува – оптимист е Дермишоски.

Музе за скоро време ќе ја донесе одлуката за дома. Тука му е куќата, дуќаните, пензијата. Во својот, сакан Прилеп да ја минува третата доба. 

Loading