Месечно по осум илјади денари може да добива надомест до крајот на животот згрижувач на деца без родители и други деца од ранливите категории, како и на старо лице со телесна попреченост или со пречки во развојот.
Ова е содржината на проектот “На секое дето му е потребно семејство”. Практично, тоа се повеќе мерки за поттикнување на згрижувањето на деца без родители или родителска грижа, деца жртви на семејно насилство, деца со пречки во развојот, со криминални досија и други категории, за кои државата е должна да обезбеди вонинституционална заштита, со што ќе ги почитува потпишаните меѓународни конвенции.
Координаторот Бобан Петрески од Центарот за социјални работи вели дека во проектот се вклучени локалните власти, социјалните установи и агенцијата за вработување.
– Станува збор за кампања за омасовување на згрижувачките семејства. Децата е нужно да ги уживаат сите права според меѓународните стандарди. Прилеп има најмногу згрижувачки семејства во земјава. Семејна топлина на 43 деца од различни категори надоместуваат 23 семејства. Врз основа на законските прописи, семејствата добиваат од 7500 до 12 илјади денари месечно за секое згрижено лице, односно дете или возрасен со телесна попреченост или со пречки во развојот – објаснува Петрески.
Практично, проектот има две поенти. Едната е да се зголеми бројот на згрижувачките семејствата и да се намали бројот на невработените.
– Се анимираат и невработените да згрижуваат деца и стари лица од одредени категории, едновремено да се обезбедат старите лица со соодветен третман, а за згрижувачите да се надоемести со материјален додаток и надомест до крајот на животот, ако одгледувал деца или стари пет години. Надоместот изнесува осум илјади денари, а згрижувачот може да го добие откако ќе наполни 62 години возраст. Згрижувачот не треба да има други пензиски приходи, туку да бил невработен – вели Петрески.
Според него, не може секој да биде згрижувач. Нужно е да се исполнуваат соодветни услови.
– Згрижувачот треба да располага со сопствени погодни станбени простори за одгледување на лица и да нема други пречки според законот. Дури е нужно и да биде оспособен на соодветна обука за згрижувач, организирана од Центарот за социјални работи – вели Петрески.
ДОМ ПО ТЕРК НА ДЕТЕТО
При изборот на згрижувачко семејство, Центарот за социјална работа, се раководи од индивидуалните потреби на детето и неговата возраст, здравствените и моралните подобности на семејството, степенот на образованието, материјалните и станбените услови на семејството, како и од можностите на семејството за згрижување на деца.
Згрижувачкото семејство е должно да постапува по дадените насоки од Центарот за социјална работа за згрижување на сместеното дете и навреме да го известува Центарот за сите промени и за потребите на згриженото дете. Центарот може да смести најмногу пет деца во едно згрижувачко семејство, имајќи ги предвид условите и можностите за сместување.
КОМУ МУ Е ПОТРЕБНО СЕМЕЈСТВО?
Согласно со одредбите на Законот за социјална заштита право на сместување во згрижувачко семејство се обезбедува дете без родители и дете без родителска грижа до оспособувањето за самостоен живот и работа, а најдоцна до завршување на средно образование, односно шест месеци по завршување на средното образование, ако не постојат можности згрижувањето и воспитанието да се обезбеди на друг начин;
дете со воспитно-социјални проблеми (злоставувано, занемарено и социјално необезбедено дете) и дете жртва на семејно насилство, малолетен сторител на кривично дело или прекршок и лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој, лице со длабоки пречки во менталниот развој и лице со трајна телесна попреченост на кое му е потребно трајно згрижување и нега.