ПОБЕДА ПО МОДЕЛ НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Фудбал: Андру Брус, член на Управата

Над 15 илјади гледачи во град со 60 илјади жители е неверојатно, фантастично – вели Англичанецот.

Prilep imal fantasticna publika - Endrju BrusВеќе десетина месеци, како претставник на спонзорот “Комфи Ангел”, дел од Управата на ФК Победа е Англичанецот Андру Брус. Дали дека осум години е прилепски зет, но, толку многу го засака клубот како роден прилепчанец. Најредовен е на тренинзи и мечеви, се радува на секој гол. Силно ги бодри играчите, верува во нив. Особено фасцинира кога зборува за богатото фудбалско минато.

– Слушнав се собирале 15 илјади гледачи. Во град со 60 илјади жители тоа е неверојатно, фантастично! Била двапати шампион и еднаш победник на купот. Сепак, единствена лоша трага во богатата историја остави казната од УЕФА. Се надевам дека никогаш нема да се повтори. Наше е да го повториме само позитивниот дел од клупската историја – вели Брус.

Англија е лулка на фудбалот, а Прилеп најфудбалскиот град, па сосема логично при секојдневните контакти на Брус со прилепчаните, се разговорите на тема фудбал. Според него, народот овде толку многу го сака фудбалот, дури и повеќе од фанатиците во неговиот Манчестер. Многумина овдешни до детали се информирани за англиските клубови. Негов впечаток е дека луѓето тука многу возбудено зборуваат за Победа и за фудбалот.

– Заслужуваат голем клуб како порано. Мечтаат за некогашната славна Победа, трпеливо чекаат. И јас го посакувам тоа. Навивачите имаат загубено доверба и на тоа треба да работиме. Во клубот не влеговме за личен профит, туку само да помогнеме. Имаме петгодишен план за финансиско средување и создавање услови приближни на тие во Англија. Целта е Прва лига – истакнува Брус.

Навивачите ги “пече” отпаѓањето во Третата лига, голем минус. Бараат одговор како дојде до катастрофата. Според Англичанецот, има повеќе причини, а една е скусувањето на Втората лига. Без успех беше атакот на спасоносното шесто место. Сите подолу отпаѓаа, повеќе од половина лига. Погрешно беше од страна на ФФМ. Внатрешна причина се резултатите, послаби од очекувањата. Беа загубени дуели од аутсајдери.

– Клучниот меч беше тој во Новаци. Присуствував таму. После поразот беше невозможно враќање и дојде до бараж. Во Охрид беше тешко, а добро одигравмем но немавме среќа. Наидовме на добар противник и отпаднавме. Некогаш се оди чекор назад за залет, па потоа два чекори напред – порачува Брус.

Андру Брус сака да остане долго во управата за да дочека многу навивачи на трибините и шампионски денови на Победа.

Plakatot za mecot so Makedonija GPГигантски плакати

Спроти пријателскиот меч со Македонија ЃП, низ градот беа налепени големи најавни колор плакати, изработени од Брус. Тоа е нов начин за привлекување публика. Досега имаше по илјада до две илјади, а зошто да не дојдат над пет илјади гледачи? Сепак, се појави неочекуван проблем. ФФМ изрече суспензија на стадионот од четири меча и новите плакати ќе бидат повторно поставени дури на 12 октомври, за дербито со 11 Октомври.

Loading