СРЕЌЕН РАБОТНИК Е ДОБАР РАБОТНИК

Ирена Јакимоска – менаџер на Комфи ангел – одговара за десетгодишниот пат на компанијата

– Низ грешките се учевме и не ги повторуваме во десетте години од формирањето на компанијата која сега брои 900 работници, а речиси целото производство се пласира во странство

– Претстојат години на заокружување на процесот со предилница, бојаџилница,  ткајачница, а во соработка со бизнис секторот инвестиции за заживување на производството на памук

Siromasni se kompaniite koi rabotat samo za cist profit - Irena JakimoskaЗа родендените, за јубилеите се сумираат ефектите и се претставуваат идеите за иднината. На десегодишнината од постоењето на компанијата за производство на постелнина Комфи Ангел, која е со мешовит, македонско-британски капитал, првиот менаџер Ирена Јакимоска, смета дека изминатите години биле време на стабилизација и поставување на сопствен производ, покрај доработката. Најавува приод на сериозни развојни зафати, паралелно со одржувањето на континуитетот.

Како ја гледате деценијата зад вас на роденденот на компанијата?          

Во десетте  години зад нас, делата го потврдуваат растежот на компанијата. Имавме и пропусти, на кои се учевме да не ги повторуваме. Специфичен беше патот со верување дека сме поинакви. Затоа опстанавме, учејќи се само од себе. Ниту јас, ниту менаџерот Билјана Андреевска, немавме познавања од производството. Работевме логично, несебично и создадовме тим според потребите. Компанијата ја градевме и вработените да ја чувствуваат за своја, па и секој добавувач.

И?

По 10 години, веќе се ангажирани 900 работници, има инвестиции во нов машински парк, четири нови линии и нов погон за специфичен производ за заштитници на јога. Се направи базата минативе десет години. Усвоивме и сопствен производ. Со Андру Брус, кој ми е партнер во компанијата и во соработка со фамилијата од Англија, Мориусо, донесовме храбра одлука за развојот. Тоа беше сопствен производ за пазарите во Европа. Тоа беше ризичен зафат со оглед на вработените, ограничените капацитети, ангажирани со класичната доработка. Ризикот се исплати по три години лансиран сопствен производ, кој се продава во Европа. Во 2013 пазарите ни пораснаа трипати. Толку го зголемивме производството во однос на претходната година. Со експанзијата достигнавме околу 50 отсто повеќе вработени. Сега имаме шанса за соработка со голема фирма од Истанбул, која е нов потенцијален партнер, покрај големите од Европа. Најбитно е да се стабилизира нивото на вработени и на капацитетите и да ги стабилизираме потребите и желбите на купувачите.

Која е формулата за успех?

Континуитетот е најголем предизвик. Обезбедување доволен квантум работа за сите вработени според капацитетите, за да се фокусираме на развојната политика. Основата е поставена, а по десет години постоење треба да бидеме пред времето, спремни да одговориме за купувачите, кои се единствениот шеф овде, тие да не одлучат своите пари да ги потрошат на друго место.

Колку е значаен човечкиот фактор за подем на бизнисот? 

Во процесот за иднината, покрај објектите, технологијата, најголем капитал се човековите ресурси. Се доградува кадарот, без разлика на кое место е. Се работи на нивната свест и совест, да бидат мотивирани и да разберат дека се дел од голема компанија и дека не работат за работодавецот, туку за себе.

Како се менаџира успешно со толку голем број работници?

Најбитно е ангажманот за зголемување на стандардот на работниците, за квалитетен живот, оти само среќен работник е добар работник. Не е лесно, оти станува збор за многу народ. Се соочуваме секојдневно со многу проблеми, кои ги решаваме. Организацијата е стабилна, но има уште долг пат.

Какви се сега односите меѓу својот и “туѓите” производи?

Интенцијата е извоз на сопственото производство кое во моментов е 60 отсто на своите производи на перници постелнина…, а 40 отсто на доработката. Своето производство има дополнителна вредност како профит и ангажирани помошни средства од други компании од земјава, вклучувајќи го транспортот. Тоа е голем успех. Тоа е наша тенденција.

Каде натаму во следното десетлетие?

Во развојната политка претендираме да ја зголемиме нашата независност. Сега материјалот го увозуваме од Пакистан, Кина, Тајван. Фирмите таму често се во неприлики и предизвикуваат одреден ризик. Затоа иднината е враќање на базната индустрија. Тоа не е едноставно и ефтино. Конкуренцијата го прави своето. Длабоко веруваме дека во наредниве години ќе се врати со одреден процент базната индустрија во земјава. Тоа подразбира изработка на предено кое ќе се бои и бели и ткаење на материјалите, односно етапно, инвестиции во предилница и ткајачница. Дури може да се произведува памук тука. Претендираме да го затвориме кругот. Ќе бидеме стабилни, независни од надвор и ќе има поголема дополнителна вредност. Разговарано е и со Владата за оваа идеја. Треба да се види и со министерството за земјоделие, да се бараат потенцијални инвеститори. Инволвирана е и Стопанската комора да се најдат инвеститори. Памукот би можел да биде алтернатива на тутунот, ако порасне побарувачката. Тоа е долг процес. Не е едноставен и само  почетокот ќе одземе многу време. Тоа е предизвик. Се надевам дека ќе се реализира оваа идеја, иако засега гледањето е далечно. Така нема да стравуваме за материјал, туку тој да биде тука, наш и поефтин, неоптоварен со давачки за транспорт од рустични земји, а компанијата да не се става во ризик.

Каков е односот кон заедницата?

Компанијата е фактор за целата заедница и за земјава. Сиромашни се компаниите кои работат за чист профит. Колач има доволно за сите. Ја реализираме профитната стапка. Загубивме одреден процент поради одредени преземени или непреземени мерки во соодветно време, но учиме од грешките. Поставивме реални таргети. Има доволно за вработените, кои се најголем капитал, но има и да бидеме општествено одговорна фирма. Стопанисуваме во ова општество и како одговорна компанија му враќаме не само заради тоа што сме тука и користиме ресурси, туку и ние живееме тука и сакаме да бидеме среќни надвор од компанијата. Колку можеме, помагаме, се развиваме, а развојот не оди брзо туку оди по својот тек. Влијаеме позитвино на општеството и ветувам дека ќе продолжиме.

Каков е бизнис амбиентот во земјава?      

Вложуваме во нови линии за перниции, јоргани реновирање на нов објект за заштитници и инвестицијата во луѓето. Се соочуваме со недостиг на стручен кадар кој го тренираме. Активно членувуваме во Стопанската комора во Социјално економскиот совет. Сметаме дека една птица јато не прави. Недостатоците, заедно со институциите, се стремиме да ги отстраниме. Многу работи се променети во позитивна смисла во интерес на бизнис секторот. Препорачуваме сите промени да се прават координирано, во соработка со реалниот сектор. Зборуваме за несоодветната понуда и побарувачка на работници на одредени стручни работни места. Се надеваме на структурни промени и во средното и во високото образование.        

Loading