ЛЕТОТО НА ЕЛЕНА (5)

natasa mirceskaСо цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции објавуваме продолженија од новелата Летото на Елена од авторот Наташа Мирческа

Долго возеше низ улиците од градот речиси не забележувајќи ништо околу. Пред помалку од два часа дојде да го најде Филип. Сега и не сакаше да го бара. Се плашеше од вистината која се наѕираше и сигурна беше дека ќе биде подобро да се врати дома. Барем нема да биде повредена повеќе. Од друга страна, неконтролирано во мислите í доаѓаше Виктор. Се обидуваше да го потисне и побрзо да ја реши ситуацијата за да се измачува помалку. Многу í недостасуваше храброст. Варијантата за “друга жена” беше премногу остварлива. Долго двоумејќи се, реши да остане. Возејќи се, се обидуваше да најде хотел.

Долго се тушираше. Топлата вода се лизгаше низ нејзиното витко тело. Посакуваше сé да престане. Сé да си дојде на свое место. Уморно се испружи на големиот кревет во хотелската соба. Се обидуваше да не мисли на ништо. Залудно. Мислите í одеа кон Филип. Знаеше дека ако остане во собата í претстои големо измачување кое воопшто нема да í помогне. Набрзина се облече и бесцелно излезе.

Сé уште не беше стемнето. На улицата имаше многу луѓе. Дуваше тивко топло ветре. Се приклучи во реката минувачи и тргна кон центарот. Ги посматраше среќните и задоволни, тажните и веселите минувачи. Ги гледаше излозите, знаменитоститите. Центарот беше прекриен со кафулиња. Почувствува дека е жедна, па одбра едно интересно кафуле без многу гости. Ü се допаднаа широките сламени столици со јајцевидни масички. Седна. Пред очите í се простираше најголемиот дел од плочникот, испреплетен со уредени тревници со клупи на кои се одмараа постари и си играа деца. Размислуваше дали овде би можела да живее?! Веројатно, ако мора. Но, беше сигурна дека нема да биде доволно среќна. Сепак, ако нешто ја хранеше и ја одржуваше нејзината душевна среќа, тоа беше морето. Ја зафати чудно расположение. Помисли дека таа и Филип би можеле да најдат решение. Лете, додека трае сезоната, би живееле дома. Останатиот период би можеле да престојуваат тука. Таа би можела, ако не секој, тогаш преку еден ден да оди во хотелот. Така и двајцата би го работеле тоа што го сакаат и би биле заедно. Се почувствува полетно, силно. Ја плати сметката и побрза зајдисонцето да го пречека низ улиците. Надежта í ја исполни душата. Почувствува глад. Се двоумеше дали да си купи сендвич или да јаде пица.

“Елена, кога веќе повторно се врати “меѓу живите”, заслужуваш нешто навистина добро” – си рече самата.

Застана за миг среќно, обѕрнувајќи се околу и со погледот барајќи пицерија. Виде една од другата страна на улицата. Се упати со широка насмевка на лицето. Речиси потскокнувајќи ја премина улицата. Застана пред влезот обидувајќи се да го подотера изгледот. Само што зачекори како небото да се отвори. Ја облеа студена пот, срцето како да престана да í чука. Од очите í бликна река солзи. Одвај успеа да се врати чекор назад. Беше како зашеметена. Тргна, не знаејќи каде, судирајќи се на секој чекор со минувачите. Почна да трча. Трчаше додека нозете не ја здоболеа, додека не í снема здив. Не í беше апсолутно важно ништо. Бараше место за да биде сама. Ги избриша солзите од очите и забележа клупа под една липа во близина на комплексот згради. Тромо се упати кон неа. Седна и почна на глас да плаче. Плачеше додека тишината не ја победи. Сé беше премногу тивко. Не знаеше колку долго седи. Градот тонеше во ноќта, а Елена во осаменоста. Скршена. тешко се упати кон центарот. Потребни í беа четирите ѕида од хотелската соба. Гледајќи пред себе, со наведната глава минуваше покрај луѓето. Почувствува како некој ја фати за рака. Пред да сфати што се случува го препозна гласот на Виктор.

– Елена, какво задоволство – со воодушевување í се обрати.   Неговите големи црни очи како сосема да поцрнеа кога се сретнаа со нејзиниот безнадежен поглед.

– Што ти се случило? – загрижено ја праша, тргајќи ја понастрана од минувачите.

– Изгледаш очајно!

– Така и се чувствувам – викаше на него Елена.

Виктор се обиде да ја смири. Кога виде дека не ќе може, одвај успеа да ја довлече понастрана од љубопитните шетачи.

– Елена, смири се те молам? Што ти се случило – ја  молеше Виктор, држејќи ја за раце.

Наместо да се смири, Елена како да еруптираше. Ги ослободи рацете од неговите и почна со тупаници да мава по неговите гради.

– Остави ме, зошто ме малтретираш?! – му викаше. – Не ми требаш ни ти, ни никој! Сакам да бидам сама. Пушти ме да си одам. Не ми треба никој да ме сака. Јас можам и сама…

Почна повторно да плаче. Виктор ја прегрна. Со своите раце го милуваше нејзиниот грб. Таа плачеше на неговите гради. Како што солзите í надојдоа, така почна да ја чувствува топлината што бликаше од неговото тело. Го прегрна и таа и цврсто го припи своето витко тело до неговото. Чуствуваше како силно ја посакува. Како ветрот да ја помести нејзината глава. Погледите им се вкрстија. Бакни ме, немо го молеше со погледот. Без ни милиметар да ја испушти од својата прегратка, Виктор ги спои своите усни со нејзините кои подотворено и жедно како да ги очекуваа со векови. Се бакнуваа долго и страсно. Двајцата како да се плашеа да запрат да не ја прекинат магијата која ги опседна.

– Ме викна итно и неодложно да дојдам, да видам како уживаш како штотуку разведена жена – луто и загрижено í се обрати Ана на својата сестра која очигледно среќна ги чувствуваше врз себе последните летни сончеви зраци.

– Елена, не можам да сфатам што се случува со тебе – налутено продолжи Ана, стоејќи на сред плажата со патната торба во рацете.

– Немој веднаш да се лутиш. Зарем не си и ти среќна што твојата помала сестричка повторно е многу среќна?! – í рече Елена станувајќи и прегрнувајќи ја.

– Зарем е голем грев, повторно да уживам во мојот живот на крајот од ова долго топло лето?

– Елена, само пред десет дена стави голема точка на својот брак и на својата љубов?! Како можеше тоа да го сториш и како можеш да уживаш – беше и понатаму вчудоневидена Ана.

Елена на глас се смееше.

– Претеруваш. Овојпат сум среќна што сум поинаква. Вети ми дека нема да ме натепаш и ќе ти откријам уште една голема тајна? – í рече Елена, оставајќи ја нејзината торба на песокта.

Ана со недоумница ја гледаше.

– Ти си или пијана или дрогирана – í рече.

– Блиску си – раздразнето í одговори Елена, фаќајќи ја за рака.

Ја поведе кон хотелот. Без збор повеќе стигнаа до апартманот на Елена. Пред да влезат, Елена ја замоли да биде тивка. Ана не можеше ништо да сфати. Без да сака ја следеше сестра си. Остана со отворена уста кога на големиот кревет од спалната соба го здогледа заспаниот убавец. Елена ја прекри нејзината уста со раката и не дозволувајќи í ниту да дише, ја одвлечка на терасата.

– Сакаш да ме убиеш – í рече штом дојде до здив. Кој спие во твојата спална?

– Мислев ќе сфатиш! – задевајќи ја í одговори Елена.

– Доста ми е од тебе. Ќе ми објасниш или одам. Премногу сум лута – í рече Ана, не чекајќи ни миг тргна да излезе надвор.

Елена ја стигна такаречи со трчање. Ја изведе од хотелот. Одејќи по плажата í раскажа што í се случуваше последните месеци од долгото топло лето. Враќајќи се кон хотелот беа прегрнати и среќни. Елена го забележа Виктор како се подготвува да ја разбранува мирната морска шир. Отргнувајќи се од сестрината прегратка потрча, на кај него. Тој како да го почувствува нејзиното доаѓање. Се сврти, очекувајќи ја со широко раширени раце. Ана стоеше и гледаше како долго се бакнуваат, а потоа нурнаа во сината вода. Ги гледаше додека не се споија со хоризонтот. Побрза да си ја земе торбата од плажата и да замине. Не сакаше да ја нарушува идилата.

– Треба да ме запознаеш со твојата сестра – í велеше Виктор на Елена, обидувајќи се да се отргне од нејзините прегратки.

– Сега е доцна, Ана замина – му одговори, бакнувајќи ги неговите раменици.

Виктор зачудено ја погледна.

– Како замина?!

– Како што дојде, со автобус… претпоставувам – му се умилкуваше Елена.

– Не е пристојно што не ме запозна. Кога повторно ќе ја сретнам?!

– Многу скоро.

– Каде?

– Па, на твојата свадба – божем зачудена í таа, му одговори, гледајќи во неговите очи кои заљубено ја гледаа.

– Ти ќе бидеш невестата? – сериозно ја праша.

– Не сакаш?!

– Само под два услова… Да не го каниш братучед ти на свадба и да ме вработиш во твојот хотел, макар и како рецепционер?!

Елена среќно го гледаше.

– Ќе треба да ти напишам добра препорака – провокативно му рече.

– Тоа е најмал проблем. Ќе ја заслужам – í рече, привлекувајќи ја кон себе.

Влажната песок се лепеше по нивните возбудени тела. Последните сончеви зраци на долгото топло лето се впиваа во нивната љубов.

(крај)

Loading