Ракомет: Подготовките стартуваа со петмина нови
Дојдоа Божиновски, Угреновиќ, Талевски, се вратија Цветкоски и Когој
Според рангот и клубот. Пласманот во суперлигашкото друштво ги мотивира во РК Прилеп соодветно да одговорат на новиот предизвик и ефектот се гледа. Уште првиот ден собирот со прес – конференција во СОУ “Ристе Ристески – Ричко” беше како свечен чин, со убав декор, со речиси комплетно присуство на управата, тренерите и ракометарите. Радува зголемениот број спонзори – 10, а најавени се уште. Покрај Општината придонесуваат приватни компании. Толку на едно место досега не биле и ова е единствен пример.
– Буџетот е доволен за оваа сезона. Одиме нагоре постепено, трпеливо. Две сезони минавме во Прва, стигнавме до Супер лига. Целта е таму да останеме долго – рече Александар Мариновски, претседателот.
Прв показател се петте засилувања. Голманот Менде Божиновски е искусен, 25 годишен, доаѓа од Пелистер, каде ги има поминато сите школи. Наесен ќе брани во тандем со шест години помладиот Трајковски. Десното крило Јованче Угреновиќ (28) е од РК Струга, со која лани влезе во Супер лигата, но поради финансиите откажа. Пивотот Петар Когој (31) е реактивиран, а десниот бек Бојан Цветкоски (30) повратник од Косово. Средниот бек Јован Талевски (19) е од Работнички, младински репрезентативец.
– Пред две години бев дел од првиот тим на Вардар, после играв во Работнички. Во РК Прилеп наидов на прекрасен прием. Се надевам на брзо вклопување, а со напорна работа тимот да се најде во плеј – офот – рече Талевски.
Претстојат долги подготовки. Почетокот е в сала и на Могила. Кон средината на месецов е заминувањето на планина, на висински тренинзи, двапати дневно. Следната фаза е техничко – тактичкиот дел со четири – пет теста против суперлигаши. Последната недела е со намален интензитет спроти првото првенствено коло за средината на септември.
– Доволно првотимци се на располагање, а вратата е отворена за уште еден – двајца. Приоритет е опстанокот, краен дострел средината на табелата. Посакувам успешни подготовки и здравје, без повреди – истакна Орде Илиески, тренерот.
“Староседелци” се: голманот Трајковски, пивотите Ѓорѓиески и Стефаноски, десните крила Спасески, Петрески, десниот бек Ангеловски, средните Локвенец, Трајкоски, левите Бозароски, Тодороски, левите крила Петкоски, Јанески и Велески.
Огледало на градот
Суперлигашот станува екипа број 1. Пак низ градот се зборува за ракометот. Има интерес за сите новости. Целта е постигната со враќање на навивачите во голем број, како некогаш. За обични мечеви е училишната сала, ако дојде Вардар или Металург опција е “Сонце”. Како стојат работите во прилепскиот спорт, особено со фудбалот, кошарката и одбојката, предводник за одбрана на угледот на градов е РК Прилеп.