ХРАМОТ ГО ВОСКРЕСНУВА СЕЛОТО

Света Петка во Лениште

– Светицата е заштитничка на бранителите

Se neguva tradicijata od domakinite na svedniot denВо живописна околина е распослано селото Лениште, североисточно од градот. По 170  години  живот во страотната тишина на заборавот, стамено уште стои селото со трошни куќи крај недогледното обработливо земјиште каде се одгледувало лен. Од 2002 година е отселено. Не живее ниту еден жител. Сепак, асфалтот, од време на време, го врват намерници во посета на корените на своите. Други ги воодушевува убавината, дарена од Господа. Својот спокој Лениште само еден ден во годината го дели со илјадници добронамерници кои со радост во душата итаат да го впијат и да го понесат со себе како зрно надеж, за добро здравје, мир и благосостојба.

Сон сонила – темел ставила

Во 1987 година на баба Даница Стојаноска, стара леништанка, на сон í се сонило да ја изгради црквата на Свети Петка. Жителите раскажуваат дека колку што била среќна, толку била и исплашена дека нема да го исполни сонот. Годините ја навасале, сиромаштијата ја притискала, а црквата не и излегувала од паметот. Мислата ја обземала и дење и ноќе. Малкуте соселаните ја куражеле. “Ти почни, потоа сé ќе се нареди, ако е Господова волја”. Баба Даница брзо го кренала првин малиот храм Света Петка покрај кладенчето со света вода.

Три години подоцна, со масовна народна поддршка почна градбата и на новата црква и манастирскиот комплекс. Ред камче, ред надеж и добра мисла, за здравје и духовна исполнетот до денот кога на Света Петка ставија рака и 108 прилепски бранители, кои тргнаа кон Тетово, таа злокобна 2001 година, а десетмина ги овековечи во незаборав, оставајќи им на останатите аманет. Преживеаните од Карпалак ја прифатија Света Петка како свој патрон и заштитник. Во недоградениот храм, бранителите ја чествуваа смртта на другарите. Се молеа за спокој на семејствата и си посакаа здравје за да раскажуваат и да даруваат.

Години минуваа, црквата прерасна во прекрасен манастирски комплекс со трпезарија за 250 гости, конаци и дотеран двор како парк. Се гради и водовод.  Иницијативата, поддржана и од градоначалникот Марјан Ристески, преживеаните од Карпалак и многу добронамерни луѓе. се претвори во духовен рај.

Домаќини на Денот

И денес младо и старо  кинисало за Света Петка во Лениште.  Ги влече храмот и чудотворната моќ на светицата. Врие радост во срцата. Како што е ред, домаќините, градоначалникот Марјан Ристески, преживеаните од Карпалак, па Наташа Мирческа, Ванчо Спиркоски, Мирјана Врхота, Љупчо Јованоски, Стефанија Трајковска, Борче Николоски и Горица Мирческа, ќе ги пречекуваат гостите. Гравчето се вари, а и посно манџиче ќе има. Чест е да се служи на празникот на светицата.

Најстарата, Мирјана Врхота, вели дека првпат е домаќин.

– Возбудена и пресреќна сум оти ми се оставрува желбата. Манастирот, а и целиот комплекс, е прекрасен. Ме исполнува со возвишено чувство на мир, добрина, љубов. Сите се запознавме и со голема радост го празнуваме Денот. Чекаме гости со отворено срце, со благослов за здравје и среќа – вели Врхота.

Љупчо Јованоски е без зборови. Не може да ги опиши чувствата што го навасале.

– Секуму му посакувам ваква, пријатна, возбуда. Почестен сум што сум домаќин. Работам во рудникот Сивец. На сите колеги им посакувам многу здравје. После ќе се подготвуваме за одбележување на нашиот празник, 28 август – вели рударот и домаќин, Јованоски.

Ванчо Спиркоски не е првпат домаќин. На второто издание, полн е со радост. Домаќинлакот за него е духовна исполнетост и дар.

Света Петка е патрон и заштитник и за Игор Петрески.

– Бранителите од Карпалак, заедно со Марјан Ристески, кој беше еден од нас, сме домаќини на манастирот. Со голема болка и тага чествуваме за Нане, Сашо, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце. Посакуваме многу здравје на нивните семејства. Денешниов ден е наше повторно духовно раѓање. Остануваме носители и иницијатори да се гради манастирот, да биде место за духовно нахранување – вели Петрески.

Вака се воскреснува селото без жители.

Запис на Наташа Мирческа

Loading