“Моме оди на вода со две стомни шарени…”. Со весела песна кинисувале момите до градските чешми. Ете ги, “ситни” моми од мерак пусти носат и ѓумови, бардиња, стомни тешки. Кршат по некој муабет и се кикотат на опулот од градските мангупи, нивни симпатии. Ќефосани, се редат една по една, да налеат вода. Па, со смеа и песна ќе однесат “лесна вода” дома. Паѓала и по некоја кавга, ако преку ред се провни ѓумче.
Била “сиромаштија” за вода. Градот немал водовод, туку десетици градски чешми. Луксузот да имаат чешма во домашниот двор можеле да си го дозволат само чорбаџиите. Тутунарите ја одржувале хигиената од домашните бунари, кој како ги имал.
Најпосетена била чешмата кај сегашното училиште “Климент Охридски”. Таму најмногу се леела “бадијала” вода, додека момчињата свиркале, намигнувале, правеле ишарети на коконите од калдрмата.
Било тоа некогаш. Сега сите се богати со вода дома, чешми, бањи, машини за перење.