МЕРАК ЗА АПОСТОЛСКОТО ИМЕ ПЕТАР

Празници и цркви

Mile Dimesk i podaril devet godini na crkataВо прилепскиот “Ерусалим”, во најстарата населба Варош, во која се верувало дека има 365 цркви, а легендата говори дека има 77 верски објекти, е и црквата Свети Петар и Павле. А токму по овие двајца апостоли, многу прилепчани ги носат нивните имиња.  

Кога од градот одиш на Варош, над училиштето, се наоѓа црквата Свети Петар и Павле. Од 14 век е вгнездена во пазувите на Марковите кули. Иако е мала, во нејзе се крие историска вредност. Пред 40 години е реновирана и е доградуван тремот. Фрескоживописот делумно е сочуван. На денот на храмот, на 12 јули, на Петровден, широко се отвораат црковните двери, верниците да се помолат, да запалат свеќа за здравје, радост и бериќет.

Литургиите сé помасовни

Богослужител во една од четирите цркви во Варош, посетени и од верници од Точила, е свештеникот Ѓорѓи Николоски.

– Црквата е меѓу најпосетените, не само од Варошани, туку и од верници од целиот град, особено на Петровден. Павловден е послаб. Го носи името на двајцата чудотворци кои го ширеле христијанството. Народот ги препознава и за заштитници на бракот. Апостол Петар се прославува како урнек на цврстата и искрена вера. Тој трипати се одрекол од Христос, но горко се покајал. Неговото покајание треба да е пример и да се спроведува секојдневно за да бидеме спасени. Апостолот Павле се прославува за проповедувањето на распнатиот и воскреснатиот Исус, иако претходно бил еден од прогонувачите на Христос и на христијанството. Но, осознал и станал најголем мисионер на христијанството – вели отец Ѓорѓи Николоски.

Расте бројот на верници кои живеат според верските канони, кои се исповедуваат и се причестуваат.

Со Петровден завршува постот со кој се одбележува значајноста на светите Господови апостоли и се нарекува и Апостолски пост. Траењето на постот зависи од тоа кога ќе падне Велигден. Може да биде една или шест недели.

– За Петровден масовно се посетува храмот. Има посебна служба и вечерта пред празникот и на празник. Уживаме на гласот на свештеникот што ѕуни. Порано жени ја суредуваат црквата, чистат, перат, сé да биде хигиенски и уредно. Има домаќини за празникот. Некогаш се повеќемина. Годинава е Гоце Најдоски, дури од Рид. Тој посака да го почувствува благодетот на домаќинлакот. Тоа е убаво за куќата, за семејството за здравје. Се носи погача и пченица и кога ќе заврши службата, домаќините си го пеат, си го “креваат” лепчето, споменувајќи имиња за здравје – вели Миле Димески, кој бил служител.

Крај на постот

Isceznuivaat imendenite - Petre JandreskiВерниците кои редовно постат, велат дека посетата е чин на доближување до Бога.

– По радоста се препознава празникот. Се пости, па се причестува и тој чин се чека со чиста душа. Инаку, празниците немаат смисла. Народот треба да го исправи патот кон многуте цркви, манастири. Но, малку се посетени. Во забранетото време за црквите, повеќе се негуваше верскиот живот. Свештениците повеќе да комуницираат со луѓето. Верата се учи од мали нозе – вели Илчо.

– Во среда и петок се пости без масло, а пред причесна цела недела без масло и со исповед. Учена сум од мала. Потекнувам од религиозно семејство. Секои пости ги постам. Некогаш на поблагиот типик, а некогаш на построгиот. Организамот се пречистува за здравје и спасение. Чувствувам повеќе мир и спокојство. Воздржувањето од мрсна храна не е мака, освен ако имаш некој здравствен проблем. Искушенија има секогаш. Еден дедо велеше “без искушение, нема спасение”. Но, со помош на Бога ќе ги надминуваме, му се молиме и Нему и на другите светители, како и на Мајката Божја. Посетеноста на Денот треба да е помасовна не само од варошани и од фамилиите со именден. Додека бевме помлади, почесто одевме на честење – вели Марија Димоска.

Пред вечерната богослужба се плете венец за светецот, за да ги овенча желбите на плетачите. При тоа секоја си вели “дај си цвеќе, замисли си желба, молитва”, а домаќините ја плаќаат литургијата и раздаваат и лепчиња, благо, сок за здравје.

“Ти кој си – Кире, Пеце, Рампе…?”

Radost nosi pavlovden  - Pavlina FiliposkaНа денот на светителит најрадосни се оние кои ги носат нивните имиња.

– Кога бев млад, навиките ни беа други. Името го “чекавме” со многу гости, едни влегуваа, други излегуваа. И комшивката се викаше Петра, па често Варошани се “двоумеа” каде да појдат порано. Се одеше од куќа до куќа. Имаше две имиња во иста куќа. Некаде се заседнуваше подолго, небаре “Ивкова слава”. Трпезата беше богата со кифли, салати, ордевери, кикиритки, леблебии, слатки, сок, пиво, вино, ракија. Но, немаше “луксуз” како денес со “најмодерни” слатки и со скапи пијалаци. Но сé помалку се практикува “чекање” на именденот. Се намали навиката, а младите не ги негуваат адетите, оти имаат други забави и задоволства. Пак се подготвува, зашто вратата не се затвора и кој дошол е добредојден – вели Петре Јандрески.

– Именденот треба да се слави прво со одење во црква. Цел ден треба да бидеш тивок, смирен, со почит кон светецот. Вечерта, и за слава и за име, треба да го читаме житието со пофални псалми. Сега никој тоа не го ни спомнува. За именденот одам на литургија, пеам лепче, дома спремам, на гостите им раскажувам за Свети Павле, а тие ми велат “Тоа е за в црква. Стои си таму и слушај. Овде се зборува за партии, за маки”. Е, така се слави именденот сега. Луѓево прво гледаат, ако не им појдеш да не возвратат. И околностите ограничуваат, дури и се откажуваат имињата. Но, може да не се подготвува дома, ама црковното да се направи – вели Павлина Филипоска.

Празниците се за видување, за средба и навраќање кон духовните вредности, кои се забораават во трката по профит. Само верата е таа која ја одржува нацијата. 

Loading