САКАМ ДЕЛОТО ДА Е СЕОПШТО

Касиопеја Наумоска, уметник

Umetnosta e individualna - Kasiopeja NaumoskaИзложба на слики од уметницата Касиопеја Наумоска, од Скопје, со прилепско потекло, ќе биде отворена вечерва од 20 часот во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”.

Со изложбата авторката го означува континуитетот на разбирањето на ликовната уметност.

– Таа е континуитет на она што го толкувам како ликовна мисла или третирам во моето сликарство. Ја есапам како прослава на 20 години творештво, но ги опфаќа моите размислувања од последниве две-три години, како порив, мотив, приоритет. Ова не е пресек на моето творештво, туку сознанија, интереси, пренесување на изразните можности кои сега стигнале до овде. Ќе продолжам со потрагата по нови решенија, колорит, темпо, идеја, заклучок – вели Касиопеја.

Според неа акцентот во секоја уметност е на индивидуалноста.

–  Само силно изразени творечки величини ги носат промените. Не постои, нема шаблон како се постигнува тоа, но секогаш помага континуираното трагање по вредностите. Уште не знам кај сум, каква сум. Начинот на израз е универзалноста. Делото да е сеопшто, не локално во било која смисла. Сликите ги обликувам исклучиво од мојата имагинација, доживеана, не доживеана, фантазија, желба, тајна, не користам модели, без анатомски точности, а со голема деформација          за потенцирање на изразот. Целта ми е да ги постигнам треперењата на емоциите и гледачот идентично да ги доживее – објаснува уметницата, која има дипломирано на ФЛУ, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во земјата и странство и е добитник на награди и признанија, меѓу кои и наградата за сликарство”Петар Мазев” во 2003 година.

Loading