РК ПРИЛЕП СО 90 ОТСТО СВОЕ

Ракомет: Се наѕира новиот тим

– Во опција се повратници од други клубови и од странство – вели претседателот Мариновски

Naesen posilni - RK PrilepВеќе се прави стратегија за наредната суперлигашка сезона за РК Прилеп, клуб кој од првото до последното коло го чуваше лидерското место во Првата лига и заслужено стана шампион. Играчкиот кадар, спој на младост и искуство, сигурно ќе биде освежен со засилувања да може тимот да биде конкурентен во највисокиот ранг.

– Целта е стабилен суперлигаш, во средината на табелата, со постепен прогрес чекор по чекор. Сметаме на засилувања, а во опција се повратници од други клубови и од странство. Не ги забораваме и најдобрите од младинската школа. Во екипата околу 90 отсто ќе бидат прилепчани – најавува Александар Мариновски, претседател на РК Прилеп.

Наесен претстои најпривлечната суперлигашка сезона поради можноста во фајнл – форот РК Прилеп да се се сретне со гигантите Вардар, Металург, мошне добрите состави на Зомимак и Пелистер. За да игра со силните, прилепскиот клуб мора самиот да биде доволно силен, играчки, организациски, финансиски. Позитивен пример е струмички Зомимак, каде доминира приватниот капитал со помош на општината.

– Засега со купени играчи се далеку над нас, но за неколку години можеме да ги стигнеме. Имаме голема поддршка од општината и приватните фирми, а ќе вклучуваме и нови. Наша предност е бројниот домашен кадар – смета Мариновски.

РК Прилеп останува во салата “Ричко”, а тренерот Орде Илиески првиот собир ќе го има во август.

ЧЕСТИТКИ ОД СИТЕ СТРАНИ

Успехот на РК Прилеп го поздравија многу ракометни приврзаници. По примениот пехар од рацете на градоначалникот Марјан Ристески и медалите од првиот човек на Советот, Никола Димески, со честитки се јавија поранешни првотимци на Тутунски. Преку “фејсбук” се јави Украинецот Евгениј Петрушевски.

– Прилеп секогаш е во моето срце – напиша Петрушевски.

 

Loading