ЏИНОВСКА ПЕРНИЦА ЗА ГИНИС НА ПЛОШТАД

ВО ЧЕТВРТОК

ПРИЛЕП ВТОРПАТ ЌЕ ГО СОБОРУВА ГИНИСОВИОТ РЕКОРД, ПО ДОБИЕНАТА ТИТУЛА ОД ГИНИС ЗА ПОДГОТОВКА НА 80 ИЛЈАДИ ПОСНИ САРМИЧКИ ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ

Спектакл ќе приреди в четврток конфекцијата Комфи ангел со “градба во живо” на џиновска перница за Гинис. Стотина работници од конфекцијата ќе ја создаваат на плоштадот најголемата перница на светот пред жири од Гинис и ќе се обидат да го урнат досегашниот Гинисов рекорд, поставен од белгиска фирма со перницата од 15х15 метри и тешка околу три тони. Градоначалникот Марјан Ристески рече дека и локалната самоуправа е логистика за промоција на градот, па и на земјата, а не само на компанијата. 

На соодветно подготвен терен и техника за два-три часа, прилепските конфекционери и мајстори за перници и прекривки ќе ја создадат перницата со димензии 17,9х17,9 метри или околу 320 метри квадратни, а која ќе биде полна со фибер и природни материјали со тежина од пет тони. Спектакуларното рушење на рекордот ќе биде следено од граѓаните со музичка програма на квартетот Пламенка Трајковска и на Калиопи. На лице место ќе се гледа како се полни огромниот калаф со меки материјали.

– Перформансот што претендираме да го реализираме претставува целосна автентичност и оригинален производ. Очекуваме да го собориме досегашниот белгиски рекорд и да создадеме репрезентативен примерок на перница. Впрочем, тоа е условот што го бараат од организацијата на Гинис, а кој треба да го исполниме пред нивните очи – вели Николче Јанески, раководител на секторот за развој.

По завршувањето на манифестацијата, материјалот од перницата ќе се рециклира и ќе заврши за полнење на играчки – мачиња, кучиња  од кадифе.

Градоначалникот Марјан Ристески очекува второ соборување на Гинисовиот рекорд на Прилеп и повторно запишување на градот во Книгата на рекордите, по првиот со  зготвените 80 191 посни сармички за Свети Никола во 2008 година. Комфи Ангел е македонско – англиска  компанија со 600 работници, акредитирана за производство на перници, протектори, јоргани и останати еко производи. Речиси целото производство се пласира во странство.

Loading