КАНАЛИЗАЦИЈА ВО ДЕЛ ОД КРИВОГАШТАНИ И ПАТ ДО МАНАСТИРОТ СВ. ЃОРЃИЈА

ЗАПОЧНАА ИНФРАСТРУКТУРНИТЕ ПРОЕКТИ ВО ОПШТИНА КРИВОГАШТАНИ

– ЌЕ СЕ ГРАДИ МОДЕРЕН ДОБИТОЧЕН ПАЗАР

– ПРЕТСТОИ СТИПЕНДИРАЊЕ НА ДЕФИЦИТАРНИ КАДРИ

“Како што ветивме, така започнавме со реализација на програмата од ВМРО – ДПМНЕ, со која ја добив поддршката од граѓаните. Стартувавме со два крупни инфраструктурни проекти за подобрување на животот на населението”.

Вака вели Тони Заткоски, градоначалникот на Кривогаштани, кој само што седна на фотелјата ги засука ракавите со проектот за изградба на одводен канал и поставување  асфалт до манастирот Св. Ѓорѓија во селото Пашино Рувци.

– Се гради канализациска мрежа од 500 метри во последниот дел од Кривогаштани. Околу 70 илјади евра добивме од Владата за завршување на проектот, со кој се подобрува квалитетот на живот на околу 600 жители, кои живееа во тешки услови, бидејќи беше во функција водоводот, а немаше канализациска мрежа. После продолжуваме со изградба на канали во населените места. Приоритет се селата Славеј, Крушеани, Врбјани. Деновиве почнува асфалтирањето на патот од селото Пашино Рувци до манастирот Св. Ѓорѓија, долг 1, 2 км. Поголемиот дел од средствата од 70 – 80 илјади евра се од Владата, дел се општински. Со овој зафат овозможуваме развој на манастирскиот туризам во општината, во која имаме уште еден манастир во селото Обршани – вели  Заткоски.

Градоначалникот потенцира дека дозавршуваат градежните работи околу двете кривогаштански цркви.

–  Со бекатон плочки се поплочува просторот околу црквата Св. Димитрија. Полека завршуваме со градбата на ѕидот со украсен камен, со што придонесуваме за разубавување не само на црквите, туку и на  општината. Градежни активности има и околу црквата Св. Тодор, каде се гради ѕид – додава тој.

НАЈМОДЕРЕН ДОБИТОЧЕН ПАЗАР

Градоначалникот потенцира дека за неколку месеци нов лик ќе добие добиточниот пазар, во пакет со зеленото пазарче, кое ќе биде покриено.

– Бидејќи добиточниот пазар е најпосетен во регионот и годишно се продаваат по неколку илјади грла на различен добиток, ќе се реновира пазарот за да добие нова физиономија и паркинг. Ќе се поплочат околу 1000 м2 да се подобрат условите за продажба на добитокот по европски стандарди. Проектот од 200 илјади евра доби виза од Министерството за земјоделство – потенцира Заткоски.

ПРОЕКТ ОД УСАИД

Во соработка со УСАИД, општината ќе реализира проект вреден 50 илјади долари за климатските промени.

– Проектот кој првпат се работи е со цел ублажување на климатските промени. Меѓу првите општини ќе бидеме корисници на пари од УСАИД за ваков проект. На терен ќе се врши едукација, ќе има форуми, на кои ќе учествуваат граѓаните, кои ќе ги искажуваат проблемите со кои се соочуваат. Врз основа на проценки од комисиите на УСАИД, потоа ќе се решава проблемот. Дали ќе биде изградба на пречистителни станици, дали канали за одводнување, инфраструктура ќе одлучува УСАИД – вели градоначалникот.

ПОДДРШКА ЗА ЕДУКАЦИЈА НА ДЕФИЦИТАРНИ КАДРИ

Меѓу првите одлуки на општината била одлуката за доделување на стипендии на талентирани ученици и студенти.

– Најдобрите осмооделенци и студенти ќе добијат стипендии од општината, имајќи го во предвид буџетот. Годинава ќе стипендираме двајца осмооделенци, по едно дете од ОУ “Јонче Смугрески” од селото Обршани и од ОУ “Манчу Матак” од Кривогаштани. Ќе распишеме конкурс и за стипендија за студент. Приоритет ќе имаат студентите, идните архитекти, градежни инженери или други технички науки, затоа што овие профили се дефицитарни – вели градоначалникот Тони Заткоски.

Loading