ПАПСУВА МЕРАКОТ ЗА “ОГНЕНИ ЦЕВКИ”

Високи казни за носење на легално оружје низ град

Пиштолот дома во сеф, муницијата башка, а  клучот само кај носителот на дозволата

Иако прилепчани негуваат долга традиција за одржување на семејно оружје без разлика дали е за колекционерска, заштитна или ловна намена, податоците сведочат дека последниве години, слабо се задоволуваат страстите, поради комплицираните процедури за добивање оружје, плиткиот џеб и сé повисоките цени. Да се дојде до легален пиштол или пушка, патот е трнлив и, не ретко, мераклиите се откажуваат на првата “кривина”. Неконтролираното користење на оружјето ја натера државата да го заостри режимот на одобрување за поседување на огнено оружје. Веќе легалниот пиштол не може да се носи под мишка или на појас низ град. туку само надвор од градот, најмалку на 300 метри. И пренесувањето од дома до местото на задоволување на пасијата е регулирано со ставање на оружјето во соодветно сандаче во автомобилот или со расклопување на ловната пушка до местото на ловиштето. Нема веќе носење ловечки карабин низ улица на рамо.   

Со документ може да се набави полуавтоматско или репетирачко кусо огнено оружје, еднострелно кусо огнено оружје, со централна ударна игла, еднострелно кусо огнено оружје, со вкупна должина помала од 28 см., полуавтоматско долго огнено оружје, со магацин и комора кои можат да примат повеќе од три куршума, полуавтоматско долго огнено оружје, со магацин и комора кои можат да примат до три куршума и чиј полнач не е прицврстен.

Граѓаните може да поседуваат муниција за оружје со олучени цевки најмногу до 100 куршуми, а муниција за оружје со неолучени цевки и муниција за пневматско оружје без ограничување. Фирмите регистрирани за обезбедување можат да поседуваат муниција за оружје најмногу до 50 куршума за секое оружје.

Лицето кое за заштита сака да набави оружје не смее да претставува опасност по јавниот ред и треба да има оправдана причина за набавување на оружјето. Треба да докаже дека неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени.

Откако ќе го купи оружјето, лицето е должно за осум дена да  го регистрира и да бара дозвола за оружје. Фирмите за промет со оружје се должни за пет дена од набавката на оружјето да достават до надлежниот орган извештај за пробните испукувања. Дозволата за оружје се издава со важност од десет години, а на постари од 65 години за пет години.

Како примарно, се проверува здравствената состојба на идниот носител на оружје со лекарскиот преглед. Дури е утврдена листа на болести и здравствени состојби што го прават лицето неспособно за поседување и носење на оружје. Здравствената способност се докажува со лекарско уверение не постаро од една година издадено од установи определени од министерот за здравство.

Новиот корисник на оружје мора да има простор за безбедно сместување и чување на оружјето.

Правните лица кои набавуваат оружје за заштита на лицата и имотот или обезбедуваат лица и имот, потребно е да имаат работници кои имаат засновано работен однос на неопределено време.

Се проверува и техничкото знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавањето на прописите за оружје. Тоа се контролира со полагање на стручен испит пред комисија, формирана од МВР. Во теоретскиот дел на испитот се утврдува познавањето на прописите за поседување, носење и чување на оружје и муниција и прописите за правото на употреба на оружјето и укажување прва помош. Практичниот дел содржи проверка на знаењето за безбедно ракување со оружје и муниција и гаѓање во мета и оценување на резултатите. Практичното оспособување го врши овластено правно лице со посебна потврда, а за ловџиите, ловечкото друштво, односно стрелечко друштво.

Не полагаат испит припадниците на војската и полицијата, службата за обезбедување на казнено-поправните установи и други работници на државни органи посебно овластени да носат оружје.

Loading