МАНДАТ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Марјан Ристески – третпат градоначалник

Градба на првата фабрика за рециклирање и преработка на отпадот и производство на биогас

Пречистителна станица, водоводи, канализациски системи, паркови… за наредните четири години

Марјан Ристески од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата и официјално  третпат е градоначалник. Уверението за избор му го врачи Елена Чагороска, претседателот на ОИК, потенцирајќи дека локалните избори минале во фер и демократска атмосфера.

– Изборите беа предизвик, оти територијално сме најголема општина. Поминаа во најдобар ред. Му го потврдивме мандатот на Марјан Ристески, а на свечена седница ќе бидат доделени и уверенијата за избор на новите советници во општинскиот совет – рече Чагороска.

Градоначалникот Ристески, заблагодарувајќи им се на граѓаните за довербата да биде пак “татко” на градот, порача дека и во наредните четири години, ќе продолжи, како во минатите осум, да работи пожртвувано заедно со вработените во општината и јавните претпријатија за  развој на градот.

– Продолжуваме таму каде што застанавме со реализација на важни проекти. Во новата програма се планирани 400 нови проекти кои ќе значат иден развој на градот. Најголемо внимание ќе посветиме на развојот на индустриските зони, на економијата, на намалувањето на невработеноста, на инфраструктурата. Најголем проект во историјата на градот и во Македонија, финансиран од ЕУ и Владата ќе биде изградбата на пречистителната станица од 30 милиони евра и 70 километри канализациска мрежа. Нема да изостане уредување на централното градско подрачје, населените места. Ќе се градат нови водоводи, канализациски системи, сали, ќе се постават спомен обележја на значајни личности, ќе ,,никнат,, нови зелени површини. Ја најавувам градбата на првата фабрика за рециклирање и преработка на отпадот и производство на биогас – изјави Ристески.

Ветува дека граѓаните и натаму, како и досега, ќе му бидат добар партнер, бидејќи само со заедничка посветена работа може да има подобрување на животот во сите сегменти.                      

Loading