ТЕШКО СЕ ДОБИВА – ЛЕСНО СЕ ОДЗЕМА

Сопственикот на агенцијата за обезбедување на лица и имот М и К, Љупчо Кафеџиоски, вели дека според новиот Закон за приватно обезбедување, кој ќе стапи во сила во јули годинава, мерките за добивање, поседување, носење и користење на огнено оружје ќе бидат уште поригорозни од тие во претходниот закон.

– И покрај сите обезбедени услови и критериуми, МВР, кое е одговорно за издавање на дозвола, го задржува дискреционото право да не издаде дозвола за поседување на огнено оружје, односно на правните субјекти да даде виза за набавка на службено оружје. Потребно е да се извади образец ДДР (од УЈП за ликвидноста на агенцијата), кон агенцијата да не се води стечајна постапка и други работи поврзани со финансискиот аспект на работењето – вели Кафеџиоски.

За сите вработени, покрај критериумите од МВР, агенцијата има пристап до личните податоци, па може да се провери идниот вработен.

– Најбитна е здравсвтената состојба. Обврзани сме да се контролира здравствената состојба со прегледи во Заводот за здравствена заштита, во спортска медицина, секои шест месеци – објаснува Кафеџиоски.

Комората на агенции за обезбедување, по доста натегања со МВР, успеала да обезбеди некои олеснувања за вработените – носители на оружје. Едно од нив е можноста на патролните служби да носат оружје со себе, но само на одредената рута за патрола.

– Сефот за чување оружје е прво нешто што го проверува МВР при евалуацијата. МВР врши долгогодишна сондажа на правниот објект пред да издаде лиценца. Дозволено е работниците да носат пиштоли и полуавтоматски пушки. Законски, потребно е едно парче оружје на двајца вработени заради сменското работење. Оружјето го примопредаваат на крајот од смената при обезбедувањето на одреден објект. Полуавтоматско оружје не се носи во населено место, а на јавни собири забрането е носење огнено оружје од секој вид – објаснува управителот на М и К, додавајќи дека дозволата за поседување оружје, многу лесно може да се одземе, доколку се направи најмал прекршок од законот и правилникот за работење на агенциите за обезбедување.

Според него, безбедносната состојба во градов е подобрена, споредбено со минатите години, Во тоа имаат голем придонес агенциите за обезбедување.  

Loading