ЛАВРИ ЗА ХАИКУ ПОЕЗИЈА ЗА ТОНИ ПАВЛЕСКИ

,,ХХХ

мирис на бензин

го победи мирисот

на цветот црешов…,,

 

Ова се стиховите со кои нашиот сограѓанин, хаику поетот Тони Павлески ја освои првата награда за хаику поезија на списанието за литература и култура Диоген, кое излегува во електронска и печатена форма, а е заеднички проект од босански и хрватски уредници. Конкурсот бил на тема “Расцветани пролетни гранки”, а со 829 творби учествувале 89 автори од 32 земји од светот.

– Пријатно е да си победник и да си на врвот во тоа друштво. За неверување е и не може да се опише радоста да се освои награда во конкуренција на поети со по 10 – ина хаику збирки зад себе од Јапонија, САД, Англија, Германија, Белгија, Хрватска… – вели поетот.

За него, поезијата е излевање на душата.

– Пишувањето е дел од секојдневието. На белиот лист хартија ги пренесувам ситните нешта, случките и настаните што не опкружуваат, што влијаат врз нас луѓето – вели Павлески.

Наградата ќе го поттикне на творештво, но и надеж дека конечно некој ќе се сети да му помогне да издаде хаику збирка после повеќе успеси на меѓународни конкурси.

Павлески беше дел од збирката поезија “Со стихот зборувам” на 36 автори од повеќе балкански земји.

Членува во Клубот на литературни творци. Негови дела се збирките поезија – “Воскресозборие” и “Икона”.

Loading