МЗТ – ЕМ – ЗЕ – ТЕ

Мошне често гледаме преноси од кошаркарските натпревари. Во последно време, речиси редовно, ги следиме натпреварите од МЗТ – Скопје. Од повеќето спортски коментатори редовно слушаме еМЗеТе – Скопје, наместо МЗТ – Скопје. Кога станува збор за Социјалдемократскиот сојуз, или скратено СДСМ, од многумина слушаме еСДееСеМ. Исто се случува и со Либералнодемократската партија. Скратеницата од таа партија е ЛДП, но мнозина велат еЛДеПе. Таквиот начин на изговор е карактеристичен за латинската азбука. Со кирилицата не е така. Кај нас тоа си е МЗТ, СДСМ, ЛДП итн. Се читаат буквите онака како што се напишани.

Поинаква е ситуацијата во некои области каде што се користат букви од латиницата. Да речеме во хемијата. Таму елементите се обележуваат со латински букви. На пример, знакот за натриум е На а се чита еНа. Сулфурната киселина има знак Х2SО4, а се чита – Ха2еСО4. Така е во геометријата и во некои други области. Со кирилските букви не е така и затоа зачудува фактот што многу луѓе (особено спортските коментатори) ја прават оваа редовна грешка.

Накусо: МЗТ, СДСМ, ЛДП и сл. се читаат така како што се напишани.

Кога станува збор за партиите, често слушаме и една поинаква грешка. Најверојатно и досега сме се изјаснувале за тоа, но еве, нема да биде штета ако повториме. За Социјалдемократите многупати слушаме да се вели СОЦИЈАЛНИТЕ ДЕМОКРАТИ. За Либералдемократите се вели ЛИБЕРАЛНИТЕ ДЕМОКРАТИ. Дури и за ДУИ сме слушнале да се вели ДЕМОКРАТСКИТЕ ИНТЕГРАТИВЦИ. Крупни грешки се овие. Новинарите често ги употребуваат. Чудно! Не се тие СОЦИЈАЛНИ ДЕМОКРАТИ, туку се СОЦИЈАЛ ДЕМОКРАТИ. Истото се однесува и за другите.

Да преминеме на една друга тема. На една од нашите телевизии слушаме емисија од областа на медицината. Стануваше збор нешто и за вештачкото оплодување. Покрај многуте грешки, повеќепати се вели ЈАЈНИ клетки, исто како што сме слушале да се вели ЈАЈНИЦИ. Така велат и докторите и новинарите, па да не речеме, сите. Сето тоа е под влијание на српскиот јазик. Во српскиот јазик именката гласи ЈАЈЕ. Оттука произлегува именката ЈАЈНИК и придавката ЈАЈНИ (клетки). Во нашиот јазик не е така. Кај нас именката е ЈАЈЦЕ па според тоа ќе биде ЈАЈЧНИК (јајчници) и ЈАЈЧНИ клетки. Веројатно на многумина ова ќе им звучи малку насилено, малку необично, но правилото е такво и не може поинаку. Под силното влијание на српскиот јазик и под уште посилното наше невнимание, луѓето со години ја употребуваат именката ЈАЈНИЦИ. Можеби нашето уво малку ќе се буни кога ќе слуша (ако слушне) ЈАЈЧНИЦИ, но ако не биде така, ќе биде грешка.

Еве и една друга нелогичност од една наша телевизија. Известува новинарката дека Друштвото за наука и уметност му ПОДАРИЛА благодарница на градоначалникот. Голема е грешката, невкусна. Несмасна е реченицата. Како е можно вакво нешто?! Како може новинар да не знае дека благодарница се ДОДЕЛУВА, а не се ПОДАРУВА.

Благодарници, пофалници, дипломи, награди се доделуваат, а не се подаруваат. Замислете да чуеме дека некому му е подарена награда за животно дело. Значи дека тој не ја заслужил наградата штом му е подарена.

Белки нема да чуеме дека на некого му е подарена Нобеловата награда.

Еден политичар се фали дека ќе се градела голема спортска сала и вели дека тука спортистите ќе ги играле ДОМАШНИТЕ и МЕЃУНАРОДНИ натпревари. А ДОМАШНИТЕ натпревари не се и МЕЃУНАРОДНИ. Затоа, треба да се рече ДОМАШНИТЕ и МЕЃУНАРОДНИТЕ натпревари.

Ваквите грешки се мошне чести.

Благоја Ивчески

Loading