ТУТУНОТ СОЗДАДЕ СОЛИДЕН ЖИВОТ

Тутунопроизводството веќе не е извор на егзистенција, туку бизнис со пристоен живот

“Ретки се годините кога навреме се плаќа тутунот соодветно на вредноста на вложениот труд. Порано од вообичаеното ги добивме субвенциите”.

Ова го изјави тутунарот Али Бекироски од прилепското село Црнилиште на прославата на 60 годишнината од тутунското здружение и на 140 годишнината од поставувањето на темелите на Тутунскиот комбинат во Прилеп, на која присуствуваше и министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

Бекироски е еден од илјадниците тутунари во прилепско и уште стотиците кои зедоа бели картони за регистрација за ново производство за годинава. Според стручнаците, производството годинава ќе порасне за најмалку 20 отсто. Причина за тоа е примамливата цена од три евра по килограм и субенциите од 60 денари од килограм.

– Атрактивни се цените и тутунот е економски исплатлива култура. Од тутунот солидно се живее. Без механизација, рачно сработивме четири тони. Ќе добијам за награда машина за нижење и ќе се олесни продукцијата, но и ќе порасне квалитетот. Добро би било откупувачите да нé следат со репроматеријали – вели Бекироски, кој ги трие рацете, бидејќи со сопругата и двете внуки зеле 16 илјади евра од Тутунскиот комбинат и субвенции.

ТУТУНОТ ОСТАНУВА ВО МАКЕДОНИЈА

За Данчо Милески, претседателот на здружението на тутунарите, прославата е стимул за поголемо и поквалитетно производство, потсетник на тутунарите дека имаат грб и не се заборавени.

– Продолжуваме да ја играме улогата на заштитници и охрабрувачи. За омасовувањето на продукцијата сведочи и податокот што е зголемен бројот на тутунари за 20 отсто. Плус, растат површините на старите тутунари. Тоа е плод на субвенциите од 60 денари. За неколку години очекуваме да стасаме до рекордната 1986 година, кога откупувачите купија 35 илјади тони од 40 илјади семејства – вели Милески.

Тој смета дека субвенционирањето по квалитет е наметнато пред две години, меѓутоа реагираат тутунарите со фармерски начин на обрабока.

– Се размислува да се бара субвенционирање по квалитет – вели Милески.

За  директорот на Тутунскиот комбинат Александар Дерменџиев, најконкурентна е тутунската индустрија.

– Не е загрозена иднината на ориенталниот тутун. Со субвенциите се зголемува производството, но расте и побарувачката на светските пазари. Тоа оди во прилог на Комбинатот да откупи што повеќе тутун и да најде пласман – вели Дерменџиев.

И за првиот човек на Институтот за тутун во Прилеп, Д-р Гордана Мицеска, производството на тутун не е во опасност на овие балкански простори, покрај силните влејанија против тутунот.

– Тутунот е стратешка култура за Македонија и носи огромни девизи бидејќи учествува во извозот со три отсто, односно 22 отсто во агро – комплексот. Со програмата на ФАО се зголемува продукцијата на тутун за скоро 20 отсто во наредните години. Тутунот останува на овие простори. Не е доведена во опасност егзистенцијата на десет отсто од населението – вели Мицеска.

ВЛАДАТА ЦВРСТО СТОИ ЗАД ТУТУНАРИТЕ

Доаѓаат ефектите од агресивната и конкретна финансиска поддршка на тутунопроизводителите.

– Нема да затаи поддршката, туку продолжува. Нема отстапување од политиката на финансиска поддршка. Тоа е цврст договор меѓу  министерството и тутунарите. Успеавме да го спасиме производството на тутунот и сега нема ризици – изјави министерот Љупчо Димовски, додавајќи дека тутунот сега има највисока цена на откуп во светски рамки.

Во прилепско годинава се регистрирани над 15 илјади семејства на  тутунари, кои ќе произведат над 20 илјади тони тутун од ориенталниот тип “Прилеп”. Ланската реколта тежеше 16 илјади тони и, заедно со субвенциите, се исплатија околу 50 милиони евра за тутунот.

ТРЕБА ТЕНДЕР

– Има заинтересирани компании за партнерство со други компании. Треба да се распише тендер да се јават. Во делот на тутунот, Комбинатот неопходно е да собере сили и да вложи во нова технологија, бидејќи мораме да го пакуваме тутунот во картонска амбалажа. Инвестицијата не е голема. Продолжува соработката на полето на продукцијата на цигари со Кина. Имаме и други партнери. Најчесто извезуваме на Блискиот Исток. Во погонот за цигари искористеноста е 30 отсто, а во вкупното производство е сто отсто – вели директорот на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев.

Над 85 отсто од Тутунскиот комбинат е сопственост на државата, а остатокот е на пензионерите, поранешни работници и дел од вработените

НАГРАДЕНИ ТУТУНАРИ

Наградени тутунари со машини за нижење се Даниел Мирчески – Прилеп, Тијана Соколеска – Беранци, Васил Димески – Прилеп, Усеин Абдурамов – Конче, Љуфта Јуриќиќ – Прилеп, Анета Цветкоска – Прилеп.

На 140 годишнината на Тутунски комбинат

ИМА ИДНИНА ЗА МОНОПОЛО

Тутунскиот комбинат на пригодна свеченост ги одбележа 140-те години од основањето и 4 – ти април денот на тутунските работници.  Во присуство на министерот за земјоделство Љупчо Димовски и на градоначалникот Марјан Ристески на најдобрите работници и на најуспешните тутунопроизводители им беа доделни пригодни награди. При тоа директорот Александар Дерменџиев потенцираше дека да се одбележат толку години и да се опстои е голем успех.

Ратко Трајкоски, кој беше прогласен за најдобар кооперант на комбинатот потенцираше дека цела фамилија живеела од тутун.

– Секоја година предавам по 1500 килограми најквалитетен тутун. Верен сум на Тутунскиот комбинат. Може да се живее од тутунот со субвенциите и покачените откупни цени. Само потребни се  вложувања на голем труд и трпение – вели тој, најавувајќи дека годинава ќе го зголеми производството за 10 проценти.

ЗЕНИТ ДОБИ ПРИЗНАНИЕ

И неделникот Зенит се закити со признание на Здружението на тутунарите, за придонесот во афирмирањето на заложбите на тутунарите за остварување на подобри услови за производство, повисоки цени и побрзо добивање на субвенциите. 

Loading