ВО ИМЕ НА ЧЕСНОСТА И ДОБРОНАМЕРНОСТА

Кога денес за некого ќе се каже: „Тој знае како да живее“ – би можело да се додаде„… и тој не е баш чесен“. – Халифакс

Од секогаш се разидувале и сечеле кај многу поединци во историјата на човештвото, патиштата што водат во насока на бескомпромисна борба за себично освојување на што поголемо парче личен интерес и патиштата што водат во решителна одбрана за заедничкото и меѓусебно добро на сите.

Како сообраќаме во социјалните релации, сеедно дали се меѓу поединци (интерперсонални) или помеѓу различни групи, во најголемиот дел е одредено во првите месеци и години од нашиот живот.

Ако задоволувањата и ускратувањата во раниот период од животот на основните животни потреби – храна, нега и љубов, биде едноставно избалансирано од внимателните родители, подоцна овие деца израснуваат во скромни, доблесни возрасни личности со стабилни интерперсонални темели, кои поседуваат големи капацитети за хармонизација и ускладување на либидото и агресијата, под примат на љубовта. Тие смирено, спокојно и добронамерно ги градат интрапсихичките и интерперсоналните односи.

Доколку релациите на детето со неговите родители и другите авторитети низ животот се до крајности спротивставени со екстремни,  максималистички и неразумни задоволувања или со неподносливи ускратувања и длабоко емоционално страдање, тогаш овие дечиња ќе бидат оттргнати од здравите текови на животот и оддалечени од патиштата кои водат кон ненасилна комуникација и разменување на заедничко добро со своите другарчиња во детските градинки, со своите соученици во основните и средни училишта, со своите колеги на факултетите и на работните места, со своите тимски соиграчи на спортските натпревари, со членовите на други политички партии или претставници на други вери и нации.

Овие деца ќе пораснат во возрасни личности кои не ги води скромноста, внимателноста, љубовта, вербата и надежта за заедничко добро, туку љубомората, зависта и злобата, за жал, дури и во односите со своите браќа и сестри, со своите мажи/жени, а уште повеќе и до екстремни граници со членовите на спротивната политичка партија, на ривалската вера и нација и тн.

Овие поединци кои ја носат длабоко во себе лутината и незадоволството од детските и младешки години (минатото), и неразрешените фрустрации кои им заостанале од конфликтите со своите мајки или татковци и т.н., ќе настојуваат во сегашноста по насилен пат да ги растеруваат своите сенки од минатото во дуели со своето опкружување кое нема оправдана врска со нивните „дамари од минатото“.

Од овие деца ќе израснат личности со многу гнев и агресија и со малку љубов. Тие најмногу од сé посакуваат ,,сé,,. Затоа бескомпромисно ќе се борат да ја освојат власта, да ја наметнат безмилосно својата волја на „послабите“, да му ја покажат својата моќ на народот. Сите болни лекции кога биле несигурни, незадоволни и/или презадоволени, исфрустрирани, кога не било сé како што помислиле и посакале, ќе ги поттикне да научат стратегии со кои мајсторски ќе ги манипулираат другите, само да стигнат побрзо и повисоко до врвот, не жалејќи при тоа да одиграат „корисен“ потег, како што на пример одиграл Брут со Цезар.

Ќе му ветуваат на народот се за што е спремен да се излаже и како рибата што секогаш загризува на добра мамка, ќе го ловат на национални, партиски, економски, земјоделски програми, со реформи во одбрана, полиција, судство, образование, здравство, култура, спорт, урбанизам, засновани на квазиреформаторски основи, единствено желни за популистичка власт, без етички и морални кочници и без уважување на науката и искуствата на врвни и докажани професионалци од земјата, кои можат најдобро да ги вклопат светските искуства за подобрување на државниот механизам.

Универзалните принципи во природата ја уважуваат индивидуалноста на поединецот, но, пред сé, го почитаат заедништвото на луѓето и секој човек го поттикнуваат да чекори по своите емоционални, когнитивни и бихевиорални животни патеки и со секоја постапка да ги афирмира љубовта, вистината, работата, знаењето, креативноста…

Личностите кои ја осознале вечната борба меѓу доброто и злото како борба на светлината и темнината која се води најпрво и најмногу во самите нас, силно ја вреднуваат важноста на меѓучовечките односи како меѓусебно градење на мостови преку кои безбедно и искрено ќе сообраќаат и ќе се надополнуваат еден со друг, во заедничкиот стремеж кон поубава иднина, подобро здравје, поквалитетен живот и повеќе взаемна љубов.

Ваквите личности во долгиот период на транзиција исполнет со измами и илузии на нашата политичка сцена, не се најпогодни да го водат народот, зашто нивната чесност не им дозволува да даваат големи и неостварливи ветувања замаскирани со убава амбалажа под која се кријат валкани и скриени планови за разнебитување и раскинување на заедничкото национално, културно и државно ткиво.

За жал, се уште не е дојдено времето кога критички дел од нашиот измачуван и многу често излажуван македонски народ, ќе се подзамисли и ќе се обиде објективно да си ги штити своите долгорочни лични и национални интереси, кога ќе почне да го распознава доброто од лошото, лагата од вистината, љубовта од омразата, искреното заедништво како услов за поубава заедничка иднина, од непотребната и штетна спротивставеност под диктат на исфрустрираните „лидери“.

Кога на поголемиот дел од народот ќе му се смачи да лази инфериорно и поданички зад „своите локални и државни моќници“ на партиските состаноци и предизборни митинзи ,„гинејќи“ за „лидерите“, кои ја користат политичката моќ за самоволно да владеат безмилосно трошејќи ги народните пари за недоречени реформи, мегаломански проекти и сл. со кои ја уништуваат иднината на многу генерации, туку ќе препознае и одбере одговорни личности кои го прифаќаат водството на народот и државата како тешка и одговорна мисија со единствена цел да обезбедат подобрување на животот за сите граѓани.

Овие изборни митинзи и сите други на кои ќе се игра истото и повеќепати видено сценарио на продавање магла и шарени лаги за мене е јадица без мамка и ги жалам сите, особено оние кои ја проголтуваат најголемата.

,,На два начини луѓето можат да личат на Боговите: зборувајќи ја вистината и правејќи им добро на луѓето,,. – Питагора

Нашата волја треба да биде силна и несовладлива за да успееме со својата добронамерност да бидеме од оние кои го унапредуваат     светот и го прават подобар.    

М-р Д-р Јохан Ѓорѓиоски             

Loading