НЕДОСТАСУВА КРИТИЧКИ И ЛИЧЕН СТАВ

Кон 250 – тиот број на Зенит – Наташа Мирческа

“Зенит” е незаменлив, претставува бележник кој ги испишува градските мантри

Да се печати на поквалитетна хартија и да има “типско” електронско издание, пред реклами да можеш да застанеш и да завртиш страница

Сам по себе бројот 250 фасцинира! Веројатно како последица на човечката остроумност или пак од потребата секогаш и за сé да бараме дел за да го составиме целото. Оваа 250-ка, е доволно голема да поттикне, но и доволно мала да остави потребен простор квалитетно да се стигне до целта. Е, сега која е целта 500, 1000… 25000…

Ние (мислам на прилепчани) не ни сетивме, а ваму 250 броја ни поминале низ рацете. Дефинитивно, овој локален неделник го бележи секој петок од нашиот живот. Така, вообичаено, со него ги сумираме сите слушнати или прераскажани “вистини” кои ја одбележале неделата. Без разлика за што станува збор, очекуваме во “Зенит” да прочитаме за тоа.

Ако гледаме од аспект на континуирано локално гласило, кое живее, а собира докази за Прилеп да го има вечно, улогата што ја има “Зенит” е незаменлива. Претставува бележник кој ги испишува градските мантри, во даден момент на општествен, културен, образовен и спортски живот. Во целост мислам дека успешно сервисира информации значајни за делувањето и постоењето на градот и придонесува во сегментирањето на реалните потреби и случувања кои би требало да влијаат на поединецот. Афирмирањето, позитивниот став кон сите чинители на нашава заедница е вистински начин, да се поттикнува доброто во нас, да се сподели како мотив сите да се обидеме да бидеме не само подобри, туку и покорисни, поблаготворни кон заедницата која ја создаваме, во која живееме и која треба секогаш да ја унапредуваме. 

Сепак, мене ми фали во “Зенит” критичкиот осврт на дадениот момент кој се случува, цели овие 250 петоци. Ако со право граѓаните се желни за точна информација и таа ја добиваат, треба да бидат и опслужени со личен став кон одредена состојба или појава, која новинарот како своја привилегија ја има или мора да ја има. Денес е многу тешко, весник, да “држиш” во живот. Медиумскиот пазар е немилосрден. На располагање се електронски модели кои изискуваат многу помалку време, не нé оптоваруваат со дополнителни трошоци, ужасно брзо пласираат информација до крајниот корисник и имаат аудио и визуелна надмоќ, алатка за поттикнување на саканото влијание. И тоа е во ред. Весникот  е друга приказна. Тој има душа. Можеш да го допреш, па дури и да го скинеш!

На Прилеп му треба “Зенит”, не само за да ги забележува збиднувањата, туку и да го држи во кондиција од големото глобално перцепирање. Па тука сме, наши сме, треба да знаеме до каде сме и што сакаме. Времињата се менуваат, верувам и тој ќе се менува, заедно со нас, и ќе ги издржи сите предизвици. Сакам до следната 250-ка која ќе ни означува бројка за почит 500-ти број, “Зенит” да се печати на поквалитетна хартија, да го подигне нивото на комуникација со читателите, да нé почестува со барем еден личен став, да има авторски насловни страници, добри реклами… и електронско издание, ама онака, типско, пред реклами да можеш да застанеш и да завртиш страница…

Loading