ТРИЧАСОВНА СМЕА И ГРАТИС КАФЕ

Театар

Тричасовна смеа ветува театарот при ЦК “Марко Цепенков” утревечер за првиот и вториот дел на урнебесната комедија “Од кол на кол”  во режија на Коле Ангеловски.

Своевидниот мини маратон во кој ќе доминира смеата почнува од 19.30 часот со изведбата на ,,Од кол на кол 1,,, која досега е прикажана над 80 пати. Во паузата, љубителите на театарската магија, ќе се освежат со гратис кафе да продолжат да ги следат случките во “Од кол на кол 2”, која од премиерата лани досега ја полни салата од “Војдан Чернодрински” до поледното место. Идејата за прикажување на двете претстави тлее од поодамна во Театарот.

– Откако видовме дека има интерес за комедиите, решивме да ги прикажеме двете во една вечер. Ова е прв чекор. На театарџиите ќе им биде овозможено во една вечер со само една влезница од 120 денари да ги проследат двете урнебесни комедии и да се насмеат. При тоа ќе можат  да се подружат пиејќи гратис кафе – велат од Центарот.

И на актерите – учесници во двете претстави им е драго што ќе им се исполни желбата во една вечер да ги изведат двете претстави, без многу напор.

Loading