ТАТКО МИ СО СОЛЗИ ПРВ МИ ЧЕСТИТА

Марија Спиркоска – Илијеска во улогата на Пејо во римејкот на “Солунски патрдии”

Нашата актерка Марија Спиркоска – Илијеска на првото гостување надвор од матичнот, прилепски театар, во Драмскиот, во римејк претставата “Солунски патрдии” повторно во режија на Коле Ангеловски, ја одигра улогата на Пејо Мариоецот, што своевремено пред 30 години ја играше татко í Благоја Спиркоски – Џумерко, кој стана препознатлив лик токму по оваа ролја. Спиркоска вели дека í било чест што била дел од екипата која ставила потпис на едно прекрасно дело.

– Учеството во претставата на Драмски многу ми значеше од две гледни точки, првата,  затоа што е моето прво гостување надвор од  матична сцена и, втората, што играм улога која е синоним за мојот татко, зошто Џумерко сите го препознаваа преку Итар Пејо – вели актерката.

Потенцира дека сите до еден, целата екипа максимално се вложиле.

– Бевме концентрирани и позитивно расположени за игра и креација. Стигнавме до одличен резултат со кој се гордееме како актери. Задоволни сме од реакциите на публиката. Видовме дека сме успеале во  најважното во театарскиот процес, а тоа е публиката да има прекрасни два часа заедно со нас – додава таа.

Нагласува дека било голем предизвик женско да игра машки лик. Кај неа уште повеќе, заради тоа што игра ролја со која своевремено татко í Џумерко “жареше и палеше” на сцените низ Македонија.

– Задоволна сум затоа што сите кои ја гледаа претставата рекоа дека ниту во еден момент не се посомневале во ликовите. Тоа ми е сатисфакција и доказ дека со колегите професионално сме  ја завршиле работата. Среќна сум што татко ми има достојна замена. По премиерата прв се качи на сцената и ми честиташе со насмевка на лицето и со солзи во очите. Се разбира, имаше и забелешки кои ги прифатив. Разговаравме за оние актерски умешности кои се учат само со искуство и долги години на сцена – потенцира Марија, додавајќи дека би била среќна историјата да се повтори и после оваа “Солунски патрдии” во Скопје и кај нас да се постави римејк. 

Loading