НАЈДОБРИ ВО РЕГИОНОВ

Во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”

Седмоодделенецот Ѓорѓи Коцески бил неприкосновен на врвот, со освоеното прво место на регионалниот натпревар по математика во Крушево. Заслужено се “позлатил”, а зад него немало второ, туку каскал ученик за трето место. Петте задачи ги решил како од шега. Менторката Лилјана Ковилоска вели дека повеќе ги сака “проблемите”, отколку решавањето на формули за геометриски тела. Покрај дополнителните часови, Ѓорѓи вежбал и дома со татко му.

Награда му е виза за државниот натпревар по математика. Ако успее таму, претстои олимпијада, па балканско првенство.

Државниот успех скоро му е гарантиран, судејќи по успесите. И лани бил прв на регионално, но заради возраста не учествувал на државно ниво. Редовен учесник е и на натпреварите Кенгур, и од пет учества се враќал со три втори места и две трети. Двапати учествувал на натпреварите организирани од Лионс, со “скор” – прво и второ место.

Не ги запоставува останатите предмети. Одличен е. Во слободно време чита енциклопедии, оти го интересираат историјата и географијата. Се двоуми за продолжување на образованието меѓу приватната “Јахја Кемал” или нашата Гимназија.

Меѓу 18 ученици од Крушево, Кривогаштани, Прилеп и Долнени на натпревар по географија прв бил Христијан Попоски. Менторката Виолета Проскоска Велкоска вели дека пет години со ред одат на државен натпревар, оти секогаш се меѓу најдобрите по географија на регионалните.

Христијан одговорил на 20 прашања за помалку од еден час. Немал мака, зашто во умот му е “врежана” картата на Европа, па ги знае државите, реките, планините и помалите европски градови по меридијани. Без товар ги навел сите европски држави од исток кон запад, прашање што и на возрасен со отворен атлас би му претставувало потешкотија. Следна станица му е државниот натпревар со 80-ина ривали –  седмоодделенци.

Скромен, мирен и дисциплиниран, Христијан е пример за ученик, кој остава делата да говорат за него. Во слободното време тренира фудбал како лев бек во ШК Шампион.   

Loading