НАГРАДЕНИ ИНФОРМАТИЧАРИ, “АНГЛИЧАНИ”, “ГЕРМАНЦИ”, ЕСЕИСТ…

Во ОУ “Климент Охридски”

 

Со тема “Компјутерот како алатка за учење”, на натпреварот во “Петта приватна гимназија”, осмоодделенките Ивона Дамеска и Елена Спиркоска освоиле трето место. На натпреварот со Поњер Поинт презентација, одлично ја објасниле идејата за вредноста на компјутерите во образовниот процес. Од 87 учесници од цела Македонија, нашите се издвоиле по интересниот дизајн, анимациите и вметнатите линкови во презентацијата. Од помош им била интерактивната табла, со која менторката Гордана Јованоска им објаснувала да користат компјутерески алатки.

Во скопската гимназија биле и Никола Желчески и Теодора Петкоска. Ги бранеле училишните бои по англиски. Исходот бил две трети места на радост на учениците и менторката Виолета Пацаноска.

На Никола добро му оди и германскиот јазик, па на регионалниот натпревар влегол во првите пет, за учество на државниот. Конкуренцијата била од 40 ученици од Прилеп, Битола, Охрид и Кавадарци. Тој добро се снашол во тестот, но за усното испрашување го фатила мала трема што ја совладал, зашто солидно вежбал со наставничката Катерина Станкоска.

Во исто време, соученичката Михаела Кепеска ги чекала резултатите од конкурсот за есеј на тема “Да се биде Европски научник е кул”. Преку приказната за три деца кои растеле и се натпреварувале во различни полиња, таа објаснила дека до успех се стасува со труд и залагање. За есејот добила една од 10-те пофалници.

Loading