ИНВЕНТИВНИ СТРУЧНАЦИ ЗА УРБАНА ОПРЕМА

Искра

Фирмата за лимаро – конструктивни и браварски работи Искра со 27 годишна традиција е наследство на Дарко Ѓорѓиоски  од татко му Љупчо. Не така младиот потомок, веќе 15  години е нов стопан кој ги следи татковите чекори, негувајќи го создадениот имиџ и креирајќи иновации, покрај вообичаените дејности. Негови дела се урбаната опрема, клупите и детските реквизити во центарот и во населбите, а последна метална творба е “тотемот” за некролози, кој ќе биде осветлен. Тој не стравува за иднината во бизнисот, зашто е во постојана потрага на инвентивни и нови архитектонски решенија.

Ѓорѓиоски вели дека бизнисот му оди супер.

– Работиме кована ограда, конструкции, покривање на хали, трафики по системот клуч на рака, кои се монтажни. Изработуваме и урбана опрема, табли за некролози, билборди. И клупите на цветната улица се наше производство. Тие се мој изум, што го понудивме и се прифатија. Скоро сите клупи во градов се наши кои и ги одржуваме. Ги измисливме и клупите со мрежи. Моментно правиме трафика во форма на Градскиот Саат која чека место за лоцирање. Барани сме и во други општини – вели Ѓорѓиоски.

Ориентирани се главно за Прилеп. Имаат полни раце работа, поради квалитетот. Петмината работници не можат да “навасаат” за локалниот пазар, за јавните претпријатија, макар што имаат “излети” во Скопје и во Ресен.

– Доста работиме на ладилници со двојни панели со изолација за јаболка во ресенско. На купувачите им одговара, затоа што брзо се монтираат и се евтини. Лесни се за одржување, зашто лимот е пластифициран со фабричка гаранција од 50 години. Особено се барани големите врати со лизгање – кажува Ѓорѓиоски.

Очекува подем во железаријата. Оптимист е, оти смета дека бизнисот допрва ќе цвета и има огромна перспектива.

– Доста е интересно железото сега. Претстои бум за железни изработки. И монтажите одат доста добро. Железните конструкции се во предност пред бетонските фиксни градби, зашто можат да се демонтираат и да се преселат на друга локација. Многу објекти се градат со челични конструкции. На пример, автобуската ќе биде монтажна. Со  измените на ДУП, монтажните изработки се преместуваат, а бетонот мора да се урива и се прави голема штета и загуба – објаснува Ѓорѓиоски.

Тој не се жали на конкуренцијата, но вели дека цените се паднати многу ниско, така што е симболично учеството на работната рака. Не му смета дивата конкуренција, оти има работа за сите, иако конкурентите се ориентирани надвор од Општината и им опаѓа работниот ангажман. 

Loading