КОМУНАЛЕЦ ГРАДИ ФАБРИКА ЗА ЃУБРЕ

Први во Македонија

Се интензивира инвестицијата на Комуналец на фабриката за ѓубре, оти студиите и проекциите одамна покажуваат дека сметот речиси сто отсто се враќа како суровина и е дополнителен извор на средства. Првостепена селекција на ѓубрето од депонијата што ќе ја прави Комуналец со соодветната тенхнологија е прв зафат во земјава кој претставува почеток и на втората фаза – секундарната селекција на отпадот.

– За 24 часа ќе се преработуваат околу 150 тони смет, а градот фрла околу 100 тони отпад. Останатите количества ќе се дополнуваат со реселекција на стариот отпад од депонијата Алинци. За 3-4 години сосема ќе изчезне депонијата – вели директорот Златко Ристески.

Веќе се вложени 500 илјади евра, прилепското ѓубре да се претвора во пари. На депонијата ќе се гради хала од 1200 м2 да се инсталира веќе платената хрватска техника од 250 илјади евра за преработка на сметот, односно да се селектираат пластиката, хартијата, метали и стакло…

– За органскиот отпад ќе биде потребна дополнителна опрема, но кога се располага со носечката техника, ќе се обезбедат средства за линијата за компостара, која ќе произведува природно ѓубре. И старото ѓубре ќе се внесува во линијата и ќе се одделува ПВЦ отпадот и останатиот неоргански отпад, покрај секојдневното селектирање и обработување на градскиот смет. Постепено ќе се ослободува депонијата, ќе се прочистува и ќе исчезне за неколку години. Ќе се продава продукцијата на “фабриката за ѓубре” – вели Ристески.

Не е исклучено Комуналец да одгледува ран зеленчук и цвеќиња, користејќи ја ослободената енергија и природното ѓубре од сопственото производство. Предвидена е и градба на мал погон за рециклирање хартија и погон за преработка на градежниот отпад во градежни рециклирачки материјали.

ЌЕ СЕ СЕЛЕКТИРААТ 20 МАТЕРИЈАЛИ

При преработката на отпадот ќе се селектираат околу 20 различни материјали, пластика од различни бои, картон, бела хартија, текстил, стакло, железо, алуминиум и други материјали. ЈП ќе го продава селектираниот отпад да се вратат инвестираните средства и да се оствари добивка од еколошкиот процес. Суштинската важност на целиот проект произлегува од намерата за елиминирање на постоечкиот отпад од старата градска депонија.

ЌЕ СЕ ПОДЕЛАТ УШТЕ 13 000 КАНТИ

Досега се набавени 11.000 канти за отпадоци, а годинава ќе се дистрибуираат нови 13.000 канти во семејствата. Со програмата за отпад, се овозможуваат услов за селекцијата на отпадот и во градот и во селата. Во населбите се поставија и нови контејнери.

Комуналец го финансира третманот на отпадот и очекува остварување на  приходи од продажбата на отпадот.

СТРУЈА ОД ЃУБРЕ

Органскиот дел од отпадот е предвидено да се преработува во фабричкиот погон за производство на арско ѓубриво. Ќе се гради компостара за производство на четири видови на арско ѓубриво. Со процесот на рециклирање на отпадните материи, со фабриката за отпад ќе се произведува електрична енергија и био-гас.

Loading