МЕЃУ ДЕЛАТА И ОПАСНОСТА

В недела се локалните избори. Прилепчани ќе се определуваат кому да го дадат гласот и да го изберат за градоначалник меѓу актуелниот татко на градот Марјан Ристески од ВМРО – ДПМНЕ, Хари Локвенец од СДСМ и неафирмираниот кандидат на СДУ Зоран Петрески.

Локалните избори се поважни од парламентарните. Од нашиот избор зависи како ќе живееме, дали ќе ни се подобрат условите во градот, па и општината. Затоа е нужно длабоко да се размисли и да се стават на вага аргументите за еден или за друг. Потребно е да се направи разлика меѓу проверениот и докажаниот кадар на ВМРО – ДПМНЕ и неизвесноста на СДСМ.

Ќе пресечат граѓаните. Што е пресудно? Најпрвин, довербата. Нужно да се  избере човек кому му се верува дека ќе ги оствари предложените проекти. Во овој контекст, треба да се знае дека нема парламентарни избори заедно со локалните. Тоа значи дека ВМРО – ДПМНЕ го задржува мнозинство во Парламентот и продолжува да ја креира политика на државата до 2015 година. Зошто го споменувам тоа? Практични се причините. Кога ги ставам на кантар какви се шансите за остварување на идеите  на граѓаните, подобро е првиот човек да биде едно со централната власт. Далеку се поголеми шансите за реализација на проектите на кои и ние граѓаните можеме да додаваме свои идеи. Предноста е голема да се има грб кај централната власт. Природно е со ВМРО – ДПМНЕ, Ристески да има силно влијание во власта. Тој е и член на врвот на партијата. И тоа е голема полза за прилепчани да добијат нешто повеќе во споредба со другите градови. Значи, ако човек не е запален по идеи, туку ако го интересира каков ќе му биде градот, дали ќе гази во прашина или кал или на асфалт и што ли уште не, тогаш природно е да гласа за Ристески. Уште еден факт. Ристески зад себе има капитал од стотици реализирани проекти. Факт е дека со него подобро живееме. Ако човек не е слеп и задоен само со идеи и инает, ако практичното има предност пред политиката, тогаш би го избрал Ристески. А и чист е како солза. Нема никаква афера за некакви малверзации. Значи, тимот што е проверен, кој победува, кажано со јазикот на спортските коментатори, плус со владина поддршка, не би требало да се менува. Затоа да го поддржиме Ристески за уште еден мандат во понатамошните заеднички потфати и победи. Нормално е секој човек да има амбиции да биде на страната на победниците, а не на губитниците. Зашто од првиот човек на градот не зависи само денешнината, туку и утрешнината на помладите и нашите деца.

Од другата страна е еден човек – бизнисмен, со неколку вработени. Каква би била иднината со непроверен човек, какви би биле шансите граѓаните да добијат повеќе во споредба со Ристески. Со Локвенец е извесна само неизвесната иднина, дури и ако се гледа и со розеви наочари, како што велат. Зошто би се доведувал како граѓанин во опасност да се замени уиграниот тим со некој што можеби, велам можеби, би бил подобар. Не се менува тоа што е добро, што функционира и од кое сите уживаме доста полза. Не се гласа од љубопитство. Со моиве повеќе од шест децении возраст, не сум спремен на таков ризик. Разумот ми вели да не нагаѓам. Умот ме упатува да не влетувам во авантури. Изборот не е лотарија, туку сериозна проценка на можностите на едниот и на другиот. Секој мудар човек би имал вакво мерило. Нема тука многу думање.

Додека стравувам дали можеби Локвенец ќе биде подобар, веднаш се определувам за Ристески. Впрочем засега Локвенец и не понуди нешто сериозно. Гасификацијата и стотици мали акумулации изгледаат како список на желби.

Ристески ниту сум го знаел ниту сум го познавал. Не се сеќавам дали гласав за него пред осум години. Паметам добро дека го дадов гласот за него пред четири години.

Еве зошто. Од првиот до вториот мандат се наметна како човек полн со енергија, кој не мирува. Ја оставил и фамиијата да им задоволи на сé повеќето барања на граѓаните. Мислам дека човекот не знае како му израсна ќерката, од што е посветен на граѓаните. Небаре тие му се најблиска фамилија. За сопругата и да не правам муабет. И таа отиде жртва, не за кариерата на Ристески, туку за граѓаните. Мислам, а не знам, дека ниту сабота и недела, не е со семејството. Да е една, две, три, пет недели – арно. Убеден сум дека Ристески место не го фаќа. Само е во некое движење, само е со своите соработници. Затоа живееме во град за гордеење. Не само од хигиенски аспект. Паметам време кога имаше ѓубре на секој ќош. Сега да побараш ливче на тротоар не можеш да најдеш да запишеш број на телефон. Корпи има на секој чекор. А граѓаните им е грев да не го почитуваат трудот на комуналците. Тие не само што чистат, туку нормално и ги депонираат отпадоците. Тоа е лице за еден град, како секаде во светот.

Понатаму, секој агол што некогаш беше празно градско парче со кал за отпадоци и депонии, се претвори во парк или детско мало игралиште за најмалите и за повозрасните. Трева се зеленее на секој чекор и лете и зиме со бунари за наводнување на секој парк. Точила пак се уредува, а населбата Димо Наредникот е сета во цвеќе и фонтани. Веројатно ќе претстои дотерување на Бончејца. Како што гледам, ќе се дотерува каналот на Дабнича река од касарната до вливот на реката. Асфалтирани се сокачињата од две метри на дивите населби. Кружните текови го растоваруваат сообраќајот. И го разубавуваат градот. Киниса да се гради впечатлив влез за в град од кај Лук Оил. Слушам дека и од кај Салида ќе се прави авениска улица. Нема шанса кал да најдеш за “лек”. И во Чачорица, на Варош… Градот се повеќе се дотерува со споменици, се уредува и преуредува плочникот, л’сна во ново руво платото пред Цепенков, никнаа нови паркинзи и катна гаража. Се поплочија цветни улици низ Старата чаршија. Паркот на револуцијата, од јурииште, го претвори во рекреативен центар, како и улицата авенија Петта Прилепска… И на економско поле тргнуваат зоните за бизнисмените и за невработените…

И сега кој умен човек би ја ставил сопствената иднина, иднината на семејството и потомците на коцка и да го поддржи Локвенец. Тоа е рамно на одење по работ на амбисот. Мислам дека се малкумина кои ќе си го дозволат тој лускуз. А јас и цел град, сме рационални луѓе. Грев е човек да не го следи мозокот, туку да го водат фикциите во непознатото.

 

СОВЕТНИЦИТЕ СЕ ДЕСНА РАКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

 

Речиси ги познавам сите кандидати за советници во Советот на Прилеп од ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата “За Подобра Македонија”. Тоа се луѓе од различни профили, докажани професионалци во својата област, а кои ќе ја реализираат програмата на градоначалникот Марјан Ристески за периодот 2013-2017. Магистри, специјалисти, бизнисмени, универзитетски професори, економисти, правници, лекари, актери, студенти. Сите со својот личен интегритет, ќе го продолжат патот на европски Прилеп. Кусо, многу сериозни и одговорни граѓани на кои им се верувам. Ги познавам повеќето лично. Убеден сум дека имаат сериозен отворен, решителен, чесен и одговорен пристап. Има спој на искусни, докажани професионалци и млади посветени луѓе, полни со енергија. Тоа се исполнителни персони, но, пред сé, чесни луѓе.

 

Изборот на советниците е многу важен, затоа што заедно ќе ја креираат нашата европска карта за прогрес низ 400 нови проекти за Прилеп. Им верувам на советниците од ВМРО – ДПМНЕ дека ќе се вложат себе си за доброто на сите нас заедно со Марјан Ристески. 

 

Не ги познавам повеќето кандидати за советници од опозицијата и не можам да им верувам.

  

Методија Стојаноски, пензионер

Loading