ДОМАШНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ ГЕНЕРАТОР НА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Поставени темелите на првата фабрика во индустриската зона Прилеп 1

Над 2 000 нови работни места ќе има во индустриската зона Прилеп 1, во која паралелно со изградбата на патната инфраструктура, канализацијата, водоводот, осветлувањето, се постави камен темелникот на првата фабрика, печатницата Провиста. Таа е една од 21 фабрика која ќе никнат во зоната.

Локалната самоуправа и Владата создаваат услови за инвестирање на домашните и странски инвеститори за развој на економијата и отворање нови работни места. Вицепремиерот Зоран Ставрески рече дека  се излегува во пресрет на сите барања на бизнисмените.

 – Се овозможи цената на земјиштето да биде најниска, да бидат комуналиите намалени и да нема административни пречки. Домашните инвеститори се крвотокот на економијата. Тие создаваат работни места. Очекуваме во другите индустриски зони да има дополнителни работни места. Заедно со слободната индустриска зона во Алинци што заеднички ја правиме како влада, тоа ќе овозможи доаѓање на странски инвеститори. Претстои подобар економски просперитет на Прилеп – рече Ставрески. Брз старт на градба на нови фабрики најавија фабриката за мебел Де – Ни, конфекциите Кули и Мартекс, трикотажата Тритекс, кондиторијата Дониа и металците од Метал инженеринг.

Градоначалникот Марјан Ристески очекува голем интерес и за другите две индустриски зони.    

Loading