Корзо
Вниманието сé повеќе го свртува ФК Корзо. Нема пораз во првите две пролетни претстави. Беше блиску до максимален биланс. Прво на гости одигра нерешено 1-1 кај Миравци, а после со двата гола на Мижоров го освои целиот “плен” 2-1 дома против Новаци. Краси офанзивната игра и редица шанси. Тимот на Зоран Штерјовски настапува како да е фаворит за влез во прва лига, набивајќи страв кај противниците.
Викендов е нов предизвик за бодови кај деветтопласираното Маџари. Веруваат најмалку за реми, а шансите се реални и за победа. Нема слабо место во составот: Гоновски, Димитриоски, Гелов, Шалевски, Ивановски, Стојанов, Мижоров, Марковски, Анастасов (Стојковски), Тодоровски (Рушаноски), Гешоски… Бод по бод и салдото е зголемено на 13, за 13. место. Да се издржи вака во подолга серија и ете го Корзо во средината од табелата.
Градот се чуди и прашува како маалскиот клуб стаса до вакви резултати. Одговорот е во упорноста на водечките луѓе, довербата во стручниот и играчкиот кадар, така што ФК Корзо претставува професионална и другарска средина.